Наместо да се бара рефундација, антикоагулансот „клексан“ ќе може да се подигне на рецепт во аптеките, најави на вчера директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски.
„Прв приоритет ни е префрлањето на антикоагулансите, особено „клексан“, кој веќе е на болничката листа. Наместо пациентите да чекаат рефундација, ќе можат директно да го подигнат на рецепт. Очекуваме штом Комисијата почне со работа и правилниците бидат усогласени, оваа промена да стане реалност“, рече Клековски.
Директорот изјави дека лековите кои се на позитивната листа треба да бидат достапни по пониска цена, со цел субвенциите да имаат реален ефект.
Од 16 септември лани, граѓаните од аптеките бесплатно ги земаат новите девет лекови со кои беше проширена поитивната листа, по дури десет години од последното ажурирање, кога беше збогатена со само еден лек. На листата беа додадени лекови за крвен притисок, за срцеви заболувања, анти-агреганси, лекови за третман на депресија и за деменција. Ставањето нови лекови на позитивната листа во пракса значи дека пациентите ќе добиваат посовремени и поевтини лекови на рецепт, на товар на државата, наместо да ги купуваат од џеб и поскапо, а често и од други држави.