Возачот на Ферари, Шарл Леклер, изјави дека ужива во огромната можност да биде тимски колега од следната сезона и се спореди себеси со седумкратниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон.
Хамилтон од следната сезона ќе го напушти Мерцедес и ќе се пресели во Ферари, што беше неочекуван потег на најуспешниот возач на сите времиња.
- Луис е најуспешниот возач во историјата на Формула 1 и тоа што можам да возам ист болид како Луис е за мене, прво, огромна можност да учам од најдобриот досега, како и огромна мотивација да покажам што сум способен да направам. Навистина сум возбуден поради новиот предизвик, изјави Леклер за „Скај Спортс“.
Моначанецот истакна дека одлично се сложува со британскиот возач.
- Имаме одличен однос. Имам многу почит кон Луис за сè што постигна и ова дефинитивно ќе биде огромен момент во мојата кариера да се тркам против Луис, да работиме заедно за да го вратиме Ферари на врвот. Ќе биде неверојатно да се види каде сум во споредба со Луис, изјави Леклер.
Леклер се смета за еден од најбрзите возачи во Формула 1 кога се прашање резултатите по круг.
- Сите ние имаме свои специјалитети, сите имаме доблести и слабости. Во случајот на Луис, прилично сум сигурен дека има многу малку слабости, но дефинитивно можам да научам од неговата сила и ќе биде супер интересно, додаде возачот од Монако, а пренесува „Бета“.
Леклер и Хамилтон често може да се видат како поминуваат време заедно покрај патеката пред трките.
Сезоната во Формула 1 продолжува овој викенд во Австрија.