Возачот на Ферари, Шарл Леклер, даде прилично храбра изјава пред да биде дисквалификуван од Кинеското ГП, тврдејќи дека Ферари можело да се избори за победа со Мекларен доколку не било оштетувањето на неговото предно крило.
Леклер остана без левото предно крило на својот болид СФ-25 по контактот со тимскиот колега Луис Хамилтон, во текот на првиот круг во Шангај. Иако беше оштетен болидот, Шарл не отиде во боксот да го замени предното крило, туку продолжи да вози со него во текот на целата трка, покажувајќи солидно темпо. Седумкратниот светски шампион, Луис Хамилтон, во еден момент мораше да го пушти да помине, бидејќи неговата брзина беше очигледна.
Леклер на крајот заврши петти, но проблемите продолжија и по трката. Ферари го замени оштетеното предно крило пред проверките на ФИА, кога беше откриено дека неговиот болид е премногу тежок.
Поради ова, Леклер беше дисквалификуван, а по него и Хамилтон, поради нерегуларната дебелина на блокот на задниот под. Тоа беше прво двојно дисквалификување на Ферари во неговата 75-годишна историја.
Иако имаше тешкотии во текот на целиот викенд, Леклер беше уверен дека болидот имал перформанси за победа.
- Направив пробив со болидот и почувствував дека има голем потенцијал, но поради оштетувањата, ги уништував предните гуми и имав 30 отсто помалку сила. Искрено мислам дека имавме темпо да се бориме со возачите пред нас, а кога велам пред нас, мислам на возачите на Мекларен. Луис го покажа тоа во спринтот – изјави Леклер.
Леклер призна дека не е задоволен од квалификациите, но е полн со оптимизам за самата трка, иако на крајот не можеа да го искористат целиот потенцијал на болидот.
- Не поминав добро во квалификациите, но со нетрпение ја очекував трката. За жал, не можевме да го искористиме целиот потенцијал на болидот – додаде Леклер.
Размислувајќи за малиот инцидент со Хамилтон, тој рече дека тоа е „само тркачка несреќа“.
- Бев во внатрешната страна и не сакав да престигнувам, само сакав да се позиционирам за третиот свијок. Го видов Луис како брани однадвор. Не очекував дека ќе се повлече. Но, ни тој не можеше да направи многу бидејќи не ме виде. Сè на сè, беше само несреќа што имавме контакт – заклучи Леклер.
На крајот, тој истакна дека најважна цел е да се постигне што е можно подобар резултат за Ферари, но тврди дека проблемите со оштетувањето на болидот значително влијаеле на неговите перформанси во текот на викендот во Шангај.