Возачот на Ферари, Шарл Леклер, предупреди на проблемите кои најверојатно го чекаат неговиот тим во Лас Вегас. Ферари имаше огромна предност во Лас Вегас минатата година благодарение на побрзото загревање на гумите, што им овозможи на Леклер и Саинц да ги заземат првите две стартни позиции.
Сепак, поради подобрувањата во управувањето со гумите оваа сезона, Леклер верува дека предноста може да се намали на претстојното Гран При.
Откако Ферари имаше проблеми со абење и прегревање на гумите во текот на 2023 година, тие ги искористија студените услови во Лас Вегас во своја полза.
Леклер тој викенд имаше шанса да ја освои својата прва победа во сезоната, но безбедносното возило ја уништи неговата предност и му дозволи на Макс Верстапен да стане владетел на Вегас. Оваа година приказната е малку поинаква.
Ферари значително го подобри управувањето со гумите, што им овозможи да бидат конкурентни на различни патеки и со тоа да останат во конкуренција за титулата кај конструкторите.
Сепак, Леклер смета дека ова подобрување може негативно да влијае и на нивните перформанси во постудени услови, како оние во Лас Вегас.
- Бевме многу силни минатата година, па се надевам дека ќе бидеме исто толку силни и оваа година. Но, вистината е дека оваа година направивме голем чекор во управувањето со гумите, што значи дека жртвувавме нешто во постудените услови. Исто како што беше случајот во Сао Паоло, Лас Вегас е слична ситуација, истакна Леклер.
За Ферари, Лас Вегас и Абу Даби остануваат трките на кои се надеваат дека ќе постигнат добар резултат. Додека во Катар, каде Мекларен има предност поради брзите свиоци, само се надеваат дека ќе ја минимизираат штетата.
- Лас Вегас и Абу Даби се патеки каде што можеме да бидеме силни, додека Катар ќе биде потежок. Но, ни претстојат уште три важни викенди и сега е време да се префокусираме и да дадеме се од себе, заклучи тимскиот колега на Леклер, Карлос Саинц.
Големата награда на Лас Вегас е закажана за 24 ноември, со почеток во 7 часот.