Помладиот син на ѕвездата на НБА и на Лос Анџелес лејкерс – Леброн Џејмс, Брајс Џејмс (17), го избра универзитетот на кој ќе ја гради својата колеџ кариера. Тој одлучи да оди на Универзитетот во Аризона и да работи со Томи Лојд, тренер што е познат по својата квалитетна работа со младите играчи и по развојот на нивната игра.

Лојд е тој што ќе се грижи за Брајс и ќе се обиде да го извлече максимумот од него. Целта на Брајс, секако, е еден ден да биде дел од најсилната лига на светот. Исто како татко си и како постариот брат, Брони, кои сега се соиграчи во клубот.

– Честитки, Максимус, многу сум горд на тебе! – со овие зборови, кои ги сподели со следачите на „Инстаграм“, ја поздрави Леброн одлуката на својот син.

Брајс, според добрите познавачи на кошарката, е поталентиран од Брони и треба да биде подобро позициониран на драфтот и, генерално, се очекува да има подобра кариера.

На стартот, има висинска предност пред Брони од десет сантиметри (висок е 198 см), игра на позициите „два“ и „три“. Генетската предиспозиција, исто така, ќе биде силен адут во неговите понатамошен развој и пробив во кариерата.

Кој знае, можеби еден ден ќе го видиме во тим со својот татко и, можеби, Холивуд и другите платформи ќе добијат повеќе материјал за спортски блокбастер – НБА-тим во кој заедно играат татко и двајцата негови синови.

Самиот Леброн неодамна призна дека може да игра уште една година.

 

ИЗДВОЕНИ