ЛДП бара оставка од Арсовска, СДСМ бара од Владата под итно да обезбеди дизел од државните резерви

266

Во врска со алармантната состојба во јавниот градски превоз од ЛДП денеска нагласија дека Скопје не смее повеќе да биде во заложништво на како што велат волјата на скопската градоначалничка Данела Арсовска, барајќи таа веднаш да си поднесе оставка.

– Доколку сите политички партии го поддржаа ланскиот предлог на ЛДП за воведување законска можност за отповикување на градоначалник односно свикување на референдум, со кој ќе се разрешеше градоначалничката Данела Арсовска, колапсот на јавниот превоз и високиот степен на аерозагадување, кое Скопје го однесе на првото место во Европа по загаденост, немаше да се случат – тврдат од ЛДП.

Однесувањето на градоначалничката Арсовска, од партијата го нарекоа однесување на разгалено дете, а според нив, колапсот на градскиот превоз изминатите два дена е последното дно кое го допрело моменталното градско раководство, кое потенцираат е „оперирано“ од срам и од било каква одговорност и чувство за последици кон сите граѓани кои живеат, но и оние кои престојуваат или транзитираат низ главниот град.

-Секојдневните смени на директори на јавните претпријатија, хаосот во работењето на градските служби, нехигиената во градот, запоставувањето на Зоолошката градина, загадениот воздух се само дел од причините зошто Данела Арсовска мора час поскоро да ја поднесе оставката и да се надмине оваа агонија која скопјани ја живеат секој ден. Покрај општото безредие кое владее во градот изминатите години, колапсот на јавниот превоз и измрзнатите граѓани по автобуските станици утринава се дополнителни аргументи предлогот на ЛДП за отповикување на градоначалници да биде поддржан во Собранието по итна постапка – децидни се од ЛДП.

Во спротивно, сметаат дека не само што ќе продолжи, туку агонијата на Скопје и скопјани ќе станува сѐ поголема секој нареден ден.

Од Советничката група на СДСМ предложија Владата  под итно да обезбеди 2,5 милиони литри евро-дизел од државните резерви на нафта, да се свика надзорна расправа во Собранието за состојбата во главниот град, како и да се донесат измени за Законот за финансиска поддршка на општините и јавните претпријатија основани од нив, коишто Собранието треба да ги усвои по скратена постапка за да се обезбеди финансиска стабилност на Градот.

 – Состојбата е алармантна – јавниот превоз не функционира, сведоци сме на преполни контејнери, смет насекаде, а основните услуги што ги заслужуваат граѓаните се целосно запоставени. Ги повикуваме ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска да се вразумат и да престанат да се инаетат на грбот на скопјани. Не е време за политички препукувања, време е за носење итни, разумни одлуки за решавање на проблемите со кои се соочуваат граѓаните на Скопје, но и сите останати граѓани кои секојдневно престојуваат во Скопје – изјави Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје.