Народната банка ги информира граѓаните да бидат внимателни поради зачестената појава на лажни профили, апликации и лица што, електронски или преку телефонско јавување, се претставуваат како дел од реномирани компании што нудат некаков вид помош, посредување, па дури и парични награди, а притоа бараат лични податоци и уплата на средства.
– Народната банка апелира до граѓаните да не ги откриваат личните податоци, ниту, пак, да преземаат активности на барање од непознати лица. Доколку имате добиено или ако добиете во следниов период неочекувани телефонски повици, е-пошта или СМС од сомнителни адреси или телефонски броеви во кои ви се нуди нешто што не изгледа реално и вистинито или, пак, ако се бара од вас откривање на личните податоци, не започнувајте комуникација во која ќе ги дадете вашите лични податоци или ќе одговорите на барањето за трансакција/уплата на ваши средства на некоја банкарска сметка – предупредуваат од Народната банка.
Оттаму нагласуваат доколку добијат граѓаните телефонски повик или порака преку друго комуникациско средство (електронска пошта или преку социјалните мрежи) од лице за кое се сомневаат дека се претставува лажно во име на Народната банка, веднаш да го пријават случајот во Народната банка преку официјалната е-адреса: [email protected].