Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изрази уверување дека САД почнале подобро да ја разбираат позицијата на Москва, особено во однос на Украина, по средбата во Саудиска Арабија со американскиот државен секретар Марко Рубио.
Четири и полчасовните разговори во Ријад беа први на такво ниво од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Средбата имаше за цел да ги постави основите за обновување на билатералните односи по враќањето на Доналд Трамп на власт и неговиот телефонски разговор со Владимир Путин, оставајќи ги Украина и Европа настрана.
Разговорите, сепак, претставуваат и почеток на решавање на конфликтот во Украина, според Вашингтон и Москва, како и дискусии за безбедноста во Европа во целина, наведува Кремљ.
Имам причина да верувам дека Американците почнаа подобро да ја разбираат нашата позиција“, рече Лавров на прес-конференција, наведувајќи дека разговорот со неговиот американски колега бил корисен.
„Не само што се слушавме, туку дојдовме до договор. Нашите национални интереси нема секогаш да се совпаѓаат, но кога ќе се совпаднат, многу е важно овие разлики да се решат и да не предизвикуваме воени конфликти“, рече Лавров.
Шефот на руската дипломатија додаде дека средбата „покажува голем интерес за отстранување на вештачките пречки за развој на заемно корисна економска соработка“, алудирајќи на санкциите што Западот ги воведе против Москва поради нејзината инвазија на Украина.
Лавров рече дека Москва и Вашингтон ќе назначат свои преговарачи за решавање на конфликтот во Украина.
Според него, Русија продолжува да се спротивставува на распоредувањето на силите на земјите-членки на НАТО во Украина, дури и под национални знамиња или знамиња на ЕУ, додека Европа и Киев ја пласираат идејата за такви сили на украинска територија, со цел да се обезбеди безбедноста на земјата и почитување на идниот договор за завршување на војната.