Русија е подготвена да работи со новата администрација на Доналд Трамп за подобрување на односите доколку САД имаат сериозни намери да го сторат тоа, но на Вашингтон е да го направи првиот чекор, изјави во четвртокот министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.
Трамп, кој ќе се врати на местото американски претседател, на 20 јануари, вети дека брзо ќе ја заврши војната во Украина, но не наведе како би можел да го постигне тоа освен да ги натера претседателот Владимир Путин и неговиот украински колега Володимир Зеленски да ги прекинат борбите.
Претставникот на Трамп во Украина, пензионираниот генерал-полковник Кит Келог, на 18 декември изјави за Фокс њуз дека двете страни се подготвени за мировни преговори и дека Трамп е во совршена позиција да го изврши договорот за ставање крај на војната.
„Ако сигналите што доаѓаат од новиот тим во Вашингтон за обновување на дијалогот што Вашингтон го прекина по почетокот на специјалната воена операција (војната во Украина) се сериозни, се разбира, ние ќе одговориме на нив“, изјави Лавров на новинарите во Москва.
– Но, Американците го прекинаа дијалогот, затоа треба да го направат првиот чекор – изјави Лавров, министер за надворешни работи на Путин повеќе од 20 години, пред новинарите во Москва.
Руската инвазија на Украина во 2022 година остави десетици илјади мртви, милиони раселени и го предизвика најголемиот прекин во односите меѓу Москва и Западот од Кубанската ракетна криза во 1962 година.