Цените на златото се зголемија за 80 отсто во изминатите пет години, благодарение, меѓу другото, и на инфлаторното опкружување, а овој благороден метал повторно се најде во фокусот на инвестициите.
Унцата злато во моментов на светските берзи се тргува по цена од околу 2,9 илјади американски долари, па не би чудело ако наскоро го надмине психолошкиот праг од три илјади американски долари, пренесува Capital.ba.
Според проценките на Геолошкиот институт на Соединетите Американски Држави (USGS), минатата година во светот биле произведени околу 3,3 илјади тони злато, околу 50 тони повеќе отколку во 2023 година.
Најголем производител беше Кина со 380 тони. Земјата го достигна својот врв на производство во 2016 година со ископани 455 тони злато, но и покрај падот, нејзиното годишно производство не падна под 300 тони. Покрај тоа што е водечки производител, Кина е и еден од најголемите светски потрошувачи на злато, со годишна потрошувачка која надминува 800 тони.
Русија минатата година се најде на второто место со производство од 310 тони, кое остана на нивото од 2023 година. Како и кај другите земји, производството на злато во Русија не се менува драстично од година во година, но во подолги периоди може да се забележат преовладувачки трендови – дури во 2017 година, Русија произведе 255 тони.
По Русија е Австралија со минатогодишно производство од 290 тони, додека листата на петте најголеми ја комплетираат Канада со 200 тони и САД со производство од 160 тони злато.
Со просечна цена на златото од околу 2,4 илјади американски долари за унца минатата година, вкупното годишно глобално производство минатата година вредеше околу 250 милијарди американски долари.