Општина Гевгелија, заедно со Територијалната противпожарна единица – Гевгелија, лани успешно се справи со пожарите. Споредено со претходната година, беа регистрирани 88 пожари помалку, а нивното успешно локализирање беше резултат на ефикасноста, подготвеноста и на ангажираноста на ТППЕ – Гевгелија. Активноста беше насочена кон превентивно и навремено локализирање на пожарите, континуирана обука на пожарникарите и едукација на населението, како и опремување на противпожарната единица.

Во 2024 година, на подрачјето на општините Гевгелија, Богданци и Дојран, територија опслужувана од ТППЕ – Гевгелија, се случија 217 пожари, кои беа локализирани. Од нив, 166 пожари беа на отворен простор, при што беше опожарена површина од 668,8 хектари, 25 пожари беа на објекти, 15 се случија на сообраќајни средства, додека 11 беа на други локации. Причина за 12 пожари беше невниманието, за 170 пожари – човечкиот фактор, за 4 природните појави, а кај 30 пожари причината не беше утврдена. Најмногу од пожарите се случија во јуни, јули, август, октомври и во ноември, што, секако, се должи на периодот на сезоната на пожари и топлото и продолжено лето.

Инаку, најголем број од пожарите лани се случија во објекти и на отворено, во приватна сопственост (99), а помалку во објекти во државна сопственост. Покрај интервенциите за локализирање на пожарите, ТППЕ – Гевгелија вршеше и други технички интервенции, што, несомнено, укажува на оспособеноста и на нејзината техничка опременост. Во техничките интервенции на ТППЕ – Гевгелија имаше 22 повредени и четири загинати лица.

За навремено и ефикасно локализирање на пожарите, од особено значење е редовното и континуирано стручно усовршување и оспособување на пожарникарите во оваа единица. Редовните тематски и практични вежби, како и обуките на пожарникарите, кои се одвиваа континуирано во текот на минатата година, значително влијаеја на мобилноста и на ефикасноста на ТППЕ – Гевгелија.

За успешноста и ефикасноста на ТППЕ – Гевгелија, исто така, од особено значење се опременоста на пожарникарите и обновувањето на опремата. Затоа се врши редовно и континуирано опремување и обновување на опремата во единицата. Во текот на 2024 година, значително беа подобрени условите за дејствување на пожарникарите со набавка на нови униформи за сите пожарникари (20 летни јакни, 40 маици со куси ракави, 20 пара чевли, 20 бејзбол капи, 40 пара панталони, 20 зимски јакни, 5 заштитни шлема, 6 пара заштитни чизми). Покрај ова, беше набавена и основна противпожарна опрема: 5 самоспасувачки јажиња, 10 потисни црева ф 52, 6 заштитни маски. Исто така, беше набавена и една кукачка скала, 10 грбни торби, 5  нови батерии, 5 пара кабли за почеток по тендерска постапка.

(Љ. А.)

ИЗДВОЕНИ