За ништо не жали, освен можеби што не ја искористил шансата да сними песна во дует со евровизиската ѕвезда Марија Шерифовиќ, која ја смета за исклучителен вокал во поп-музиката!
Се уште не стивнуваат секакви муабети околу еротскиот спот на македонската поп-ѕвезда Ламбе Алабаковски за песната „Земи се“. Ако кликнете на Јутјуб каналот под овој навистина интересен и скокотлив (црно-бел) спот ќе прочитате разновидни и малку зачудувачки коментари: „Мачето“ во спотот е топ, можеле и на Ламбе да му „брцнат“ за да му ги напумпаат мускулите…
Убава песна и мило ми е што е Ламбе присутен на сцената…… Песната си е супер, ама јас спотот не го разбирам…… Значи мора да се “плука“ по се што е наше.Песнава и спотот си се супер, само ние како луѓе не чиниме… Еве, признавам дека сум загреан, но девојката во спотот има многу добар задник, затоа само еднаш би сакал да ја видам без алишта, така да покрај вака убава песна и нејзиното газе ми станува уште поубаво….“
И навистина, ете така Ламбе како Ламбе, обожуван е кај многу девојки и жени, дури има и такви мажи кои му коментираат. А, тој како совесен сопруг и иден татко, ја грабна тогаш девојката Магдалена, згодната битолчанка и повторно со неа, а сега и со синовите Михаил и Димитриј, пред речиси месец, му ја „летна“ во Америка, на сончевата Флорида.
Самоиницијативно извесен период ќе биде во таканаречена медиумска илегала, ретко дека ќе се огласува по било која основа. Да нема дезинформации, Ламбе и семејството никогаш не живееле на Флорида, туку во градот Детроид, а на Флорида се често кај нивните добри пријатели. Пејачот, кој секогаш е насмеан и добро расположен, испрати порака до македонските новинари, да имаат разбирање, да не го вознемируваме, бидејќи сака вистински да се одмори на плажите на Флорида. Да ги полни батериите после долг период на успешна работа. Тоа подразбираше турнеи, настапи, но и концерти во рамките на патриотскиот проект „Македонијо, во срце те носиме“. Но и не само од работа, туку и од сите јавни и медиумски „препукувања“ кои уште на некој начин го следат, а беа адресирани на неговото име подолг период, во врска со палењето на влезната врата на бугарскиот културен центар „Иван Михаилов“ во Битола.
Пејачот е докажан голем македонски патриот, со тоа се гордее!
И секогаш страшно многу го иритираат секакви омаловажувања на Македонија и Македонците. Луѓето кои го познаваат велат дека никогаш не се покајал за тоа што го направи на бугарскиот клуб во Македонија. Чувството му е неописливо, да се биде македонски патриот во срцето и душата!
Сепак, многу разбирливо е дека на овој свет најмили му се, пред сè, синовите, сопругата и семејството. Со нив е деновиве заедно, на егзотичната Флорид каде што сите уживаат во вечното лето, синиот океан, спортовите на вода, вкусните морски специјалитети и во природата од која ќе ви застане здивот. Синовите обожаваат да пливаат во друштвото на делфините, а Ламбе да нурка низ водите на океанот. Магдалена е повеќе по сончањето.
Инаку, Ламбе и Магдалена се венчале во Бигорскиот манастир, каде што пејачот всушност и ја запросил својата сакана. Во 2023 година прославија 10 години од успешен брак. Долго време живееле во Америка, а по победата на Ламбе на „Плеј – потрага по ѕвезди – 2004“, неговиот прв хит бил „Спаси ме“. Потоа му се редеа хитовите: Ех да можам, Каде песно моја, Море од солзи, И после сè, Врати ми го срцето, Земјо моја, Сè е по старо, Да не те љубев, Бело е сè… Во текот на Божиќните празници на голем број македонски радиостаниците се вртеше песната „Да не те љубев“, посветена на сопругата Магдалена. За неа знае често да каже дека ја сака сè повеќе секој ден, а бракот е нешто што се гради и се негува со многу трпение и љубов.
Се памти и неговото впечатливо натпреварување на македонските избори на Песна за Евровизија. Најпрво во 2007 година кога ја испеа „Бело е сè“ , а и наредната 2008 година пак настапи, но со песната „Земјо моја“. Но и во двата случаја не успеа да победи и да замине на „Евровизија“. Тоа не го премисли, па уште посилно продолжи со музичката кариера, освојувајќи ја дефинитивно македонската публика.
Објаснува дека за ништо не жали, па дури и за тоа што му се случи со бугарскиот клуб во Битола. Освен што беше многу стресно за сите неговите во фамилијата. Единствено жали, ако е тоа жалење, можеби повеќе е пропуштена шанса да сними песна во дует со евровизиската ѕвезда Марија Шерифовиќ. Но, се надева, бидејќи кај него, надежта секогаш последна умира, дека еден ден и тоа ќе се случи.
Дуле Миќиќ Фото: архива