„Лајка“ до гуша во долгови – општините не плаќаат за услугите!

47

Претпријатието што треба да ги стерилизира е заглавено во стари долгови, бидејќи единствениот буџет што го има е од Град Скопје, а скопските општини речиси воопшто не ги исплаќаат средствата, кои имаат обврска да ги исплаќаат.
– Годишно, секоја од скопските општини има обврска да исплати по два милиона денари за ЈП „Лајка“, но тие не го прават тоа. Како за пример, од вкупно 10 општини, во 2022 година средства исплатиле само три, а за да има резултати, „Лајка“ треба да постапува во сите 10 општини. Ако сите општини ги исполнуваат обврските, претпријатието ќе биде поефикасно – наведуваат од претпријатието и потенцираат дека, за жал, сега штетата за каснување на територијата на овие општини ја плаќаат ЈП „Лајка“ и Градот Скопје, а општините не ги исполнуваат своите финансиски обврски

 

Секој ден сè почести се пријавите во полициските билтени на МВР за каснати граѓани од бездомни кучиња. Тоа станува сериозен проблем за кој реагираат граѓаните на Скопје.

Така, на 29.6.2024, во 12:05 часот, во полициската станица Чаир, Х.Г. (75) од Скопје пријавил дека на улицата „Тале Христов“ во Скопје бил каснат од куче скитник. На 28.6.2024, во 16:00 часот, во полициската станица Карпош, В.С. (49) од Скопје пријавила дека била касната од куче скитник на Средно Водно. Тој ден, во 12:00 часот, во полициската станица Гази Баба, А.Д. (51) од Скопје пријавил дека бил каснат од куче скитник на улицата „Трифун Хаџијанев“ во Скопје, а во 17:00 часот, во полициската станица Карпош, Р.С. (77) од Скопје пријавила дека била касната од куче скитник на улицата „Иван Цанкар“ во Скопје. Во 17:40 часот, во полициската станица Ѓорче Петров, С.Б. (62) од Скопје пријавил дека бил каснат од куче скитник на улицата „Шарпланинска“ во Скопје.

Од јавното претпријатие „Лајка“, денеска, во соопштение наведуваат дека проблемот со бездомните кучиња, за кој сè почесто се зборува, не може да се надмине без системско решение, а законот со кој треба да се регулира несовесното сопствеништво и граѓаните што фрлаат миленици повеќе од четири години е во процедура на донесување.

Сметаат дека јавната свест за вдомување во Македонија е ниска и велат дека претпријатието што треба да ги стерилизира е заглавено во стари долгови, бидејќи единствениот буџет што го има е од Град Скопје, а скопските општини речиси воопшто не ги исплаќаат средствата, кои имаат обврска да ги исплаќаат.

– Годишно, секоја од скопските општини има обврска да исплати по два милиона денари за ЈП „Лајка“, но тие не го прават тоа. Како за пример, од вкупно 10 општини, во 2022 година средства исплатиле само три, а за да има резултати, „Лајка“ треба да постапува во сите 10 општини. Ако сите општини ги исполнуваат обврските, претпријатието ќе биде поефикасно – наведуваат од претпријатието и потенцираат дека, за жал, сега штетата за каснување на територијата на овие општини ја плаќаат ЈП „Лајка“ и Градот Скопје, а општините не ги исполнуваат своите финансиски обврски.

Од претпријатието додаваат дека доколку сите 10 скопски општини ги плаќаат обврските, тоа би работело сигурно и одржливо, со што би се решил и проблемот со исплаќањето отштета за каснување од бездомно куче.

Од „Лајка“ велат дека, согласно со нивната евиденција, во периодот од 1.1. до 31.3 2024 година, биле пристигнати 162 пријави, од кои 33 поради напад од куче или каснување.

– Според евиденцијата на МВР за посочениот период, има 260 пријави за каснување на територијата на Град Скопје, што подразбира дека иако постапката за пријава пропишана од Агенцијата за храна и ветеринарство предвидува дека се пријавува ваков настан во надлежното прифатилиште, сепак, голем дел од граѓаните не го прават тоа – потенцираат од претпријатието.

Воедно, додаваат дека до нив пристигнале 150 тужбени барања за надоместок на штета предизвикана од каснување, па минатата година, по тој основ, исплатиле 6.401.650 денари. Најголем дел од нив се наплатени во извршни постапки.

Од „Лајка“ реагираат дека, при одлучувањето по тужба, судот воопшто не посветува внимание на тоа дали пријавителот ги исполнил сите елементи на постапката за пријава предвидена од Агенцијата за храна и ветеринарство.

– Поконкретно, во најголем дел недостига конкретниот опис на кучето или недостига точната локација, што нè спречува да извршиме заловување и идентификација на единката што извршила напад, со цел да утврдиме дали се работи за бездомно куче или за куче со неодговорен сопственик, кое слободно талка на јавен простор – наведуваат од претпријатието. 

Според нив, состојбата со бездомните кучиња се влошува и со носењето голем број со комбиња од другите градови во Скопје, затоа што, како што велат, на другите општини тоа им е најлесен и најевтин начин за справување со проблемот.

– За овој проблем има и пријави до Министерството за внатрешни работи, но досега нема никаква интервенција од полицијата – потенцираат од „Лајка“.

Оттаму нагласуваат дека дополнителен проблем се и селските кучиња, кои имаат неодговорни сопственици, кои ги пуштат слободно се парат.

–  Без соодветно законско решение за регулирање на сопствеништвото, сопствениците ниту мораат да ги регистрираат ниту плаќаат пенали за штетата што ја предизвикуваат – заклучуваат од ЈП „Лајка“.

(А.П.)