Лајчак на крајот од мандатот: Србија и Косово можат да бидат горди на Охридскиот договор

27

Специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ) во заминување за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, денеска, на последниот ден од неговиот мандат, изјави дека Косово и Србија можат да се гордеат со постигнувањето на Охридскиот договор.

„И готово. По четири години и 10 месеци на функцијата специјален претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, официјално му ја предавам функцијата на мојот наследник Петер Соренсен. Тоа беше предизвикувачка, но задоволувачка мисија. И Косово и Србија можат да се гордеат со постигнувањето на Охридскиот договор“, напиша Лајчак на IX.

Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Аљбин Курти постигнаа договор во февруари 2023 година во Брисел за Договорот за патот кон нормализација меѓу Косово и Србија, а еден месец подоцна во Охрид за неговиот анекс за спроведување.

Европската унија оттогаш тврди дека Вучиќ усно се согласил со Договорот и Анексот за имплементација и затоа тие се правно обврзувачки за Белград. Вучиќ, сепак, не сакал да ги потпише тие документи, иако Курти тоа го барал.

Советот на Европската унија во понеделникот го назначи данскиот дипломат Петер Соренсен за наследник на Лајчак, а потоа најави дека се очекува тој да придонесе за сеопфатна нормализација на односите меѓу Србија и Косово.

Задачата на Соренсен ќе биде „да го олесни дијалогот што ќе придонесе за сеопфатна нормализација на односите меѓу Србија и Косово, особено спроведувањето на Договорот за патот кон нормализација и неговиот анекс за имплементација“, соопшти Советот на ЕУ.

Соренсен ја презема функцијата утре, со првичен мандат од 13 месеци. За оваа функција тој беше номиниран од високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас.

Соренсен е дански дипломат со долгогодишно искуство во Западен Балкан – тој беше пратеник на високиот претставник на ЕУ во Србија, советник во Мисијата на ОН во Косово (УНМИК), шеф на Делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина и Амбасадор на ЕУ и шеф на делегацијата во Скопје.

Дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на Европската унија, започнат во 2011 година, веќе неколку месеци е во застој. Откако двете страни постигнаа договор во 2023 година за Договорот за патот кон нормализација, нема значаен напредок.

ИЗДВОЕНИ