Купувачите најмногу ги иритира туркање преку ред, дишење во врат, пипкање на храната, муабетење на сред патека…

415

Многу често пазарењето може да биде мачно и непријатно, особено кога маркетите се полни со купувачи. Чекањето во редица пред каса може да се смета за нормално и треба да го истрпат и најнервозните. Но, туркањето преку ред, луѓето кои со раце ја испипуваат секоја неспакувана векна леб, децата кои трчаат со количките, врескаат и ве удираат, купувачите кои со прсти минуваат низ гравот, оризот, оревите кои се на рефус продажба, попречувањето на патот со количка или уште полошо муабетењето на сред пат… многумина ги тераат ако се во можност да испазарат во периодот од денот кога во продавниците речиси никој не влегува, па дури и на пеколна горештина како сега.

Хрватскиот портал Индекс направи анкета на купувачите и ги праша кои се најиритантните работи што луѓето ги прават во продавница. Навеле неколку примери, а голем дел од оние кои се приклучиле на анкетата одговориле „сè од наведеното“. Некои пак, додале уште нешто.

На анкетата одговориле 2.920 лица. Од нив 29 проценти рекле дека најиритантно  им е туркањето преку ред. За 16 проценти неприфатливо е влегувањето во личниот простор, за 14 проценти одењето на пазарење неколку минути пред затворање, 11 проценти рекле дека ги нервира напуштање на касата за да се земе уште некој производ, а 10 проценти ги иритира тоа што на децата им се дозволува лошо однесување во продавници. Седум проценти рекле дека најиритантно им е невраќањето на производите на место, на шест проценти најмногу им пречи блокирањето на патеката со количка, на три проценти пробување на храната, на два процента искористувањето на брзата каса, а исто така на два процента консумирањето храна пред да биде платена.

Во коментарите на фејсбук-страницата на Индекс освен што голем број следачи рекле дека сè од тоа што е набројано ги иритира, некои додале и дека им пречи зборувањето на мобилен телефон преку спикерфон, при што сите се осудени да го слушаат разговорот, потоа пеење низ продавницата, разговор на касата, тркање со количките, млацкање, незатворање на фрижидерите, кога паричникот се бара во торбата и производите се пакуваат дури откако сите ќе бидат поминати на каса, каси кои никогаш не работат иако редиците се долги, како и тоа што некои родители продавницата ја заменуваат со игротека.

-Најиритантно ми е кога  ќе се сретнат познаници и на сред пат ќе застанат со корпите, па никого не доживуваат, нема врска што покрај нив не може да се помине, тие сами не би се помрднале, мора да им кажеш да се тргнат, напишала една читателка.

– Земањето леб и печива без ракавици и пипкањето на печивата да се види кое е помеко. .. Пред тоа си го копале носот или нешто слично, напишал друг читател, а Индекс.хр наведува уште неколку слични коментари.

„Се што е набројано ме иритира…. но најмногу пипкачите. Кога ќе ја извлечат секоја салата од гајбичката, кога ќе го испипкаат секој домат, кога ќе ја издушкаат секоја бобинка.“

Но, меѓу одговорите имало и такви дека ништо не пречи. Некои пак се навратиле на времето од ковид-19, па рекле дека  не сакаат кога некој им се лепи и коментираат дека требало да се задржат ковид-мерките, зашто тогаш барем би имало малку ред.

Но, има и духовити одговори од типот „Мене најмногу ме нервира кога ќе ми наплатат на каса“, или „ Сè зависи од тоа на која нога сум станала, некогаш не ми смета ништо, а некогаш би одела и на сите по ред би им удрила по една шлаканица“.