Фудбалскиот Куп на Македонија често пати знае да донесе големо изненадување, а едно такво приреди екипата на Вардар, совладувајќи го Силекс со минимални 1:0 и обезбедувајќи си пласман во полуфиналето. Но, средбата на националната арена крена многу прашина по завршувањето на мечот.

Гостите од Кратово, веднаш по последниот судиски свиреж, напишаа на социјалните мрежи: „Најскандалозната судиска тројка во историјата на македонскиот фудбал“, алудирајќи на делењето на правдата на овој натпревар.

Од таборот на Силекс реагираат дека биле оштетени во неколку наврати на дуелот против Вардар, а за нерегуларен го сметаат и единствениот погодок што го постигнаа домаќините. По тој повод, се огласи Фудбалската федерација на Македонија, која реагираше соодветно и го осуди токму Силекс, посочувајќи го како клуб кој во последниот период бил единствен што, преку разни „канали“, барал делегирање посакувани судии за своите натпревари.

Соопштението на ФФМ ви го испраќаме во целост:

Во однос на последнообјавеното соопштение на ФК Силекс, Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и Одборот на судии во рамките на ФФМ, на чело со претседателот Александар Ставрев, најостро ги осудуваат непрофесионалните, неетички, неосновани и злонамерни напади насочени кон претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ и кон комесарот Јосип Бартон, како претседавач со Комисијата за делегирање судии. Овие обиди за дискредитација претставуваат неприфатлив притисок врз стручните тела во ФФМ, кои работат исклучиво во интерес на македонскиот фудбал.

Како водечка институција во македонскиот фудбал, ФФМ ќе продолжи со професионалното и одговорно управување, без да подлегнува на надворешни притисоци или на какви било други влијанија. Ќе ги искористиме сите расположливи механизми за заштита на интегритетот и нема да дозволиме каков било обид за манипулација и за нарушување на угледот на ФФМ и на нејзините официјални претставници.

Впрочем, за контрадикторноста и злонамерата во испратеното соопштение е токму фактот што претседателот на ФФМ многу децидно, уште по преземањето на функцијата, јасно кажа дека прв и основен приоритет на ФФМ е воведувањето на ВАР-технологијата, за што и се започнати активности. Притоа, неколкупати посочи дека дејствувањето и работата на судиската организација им се оставени на стручните лица, на нејзините членови и во ниту еден сегмент ниту некој може да влијае, ниту обидите за влијание на кој било член на судиската организација ќе минат без последици.

Во таа насока, загрижува фактот што ФК Силекс е единствениот клуб што во изминатите две кола од Првата МФЛ и за мечот од Купот на Македонија, низ разни „канали“, бараше делегирање посакувани судии за своите натпревари.

Се разбира, преку телевизија „Сител“, даваме можност во Куќата на фудбалот да добијат потврда и докази за овие тврдења, но само доколку јавно, во своите информативни изданија, ги споделат доказите за посоченото. ФФМ е подготвена да ги објави.

Загрижувачки е тоа што телевизиски канал, во директни врски со ФК Силекс, ја користи својата медиумска моќ за да врши непотребен притисок врз ФФМ врз основа на неосновани тврдења. Времињата кога можеа да влијаат надворешниот притисок и заканите на раководните тела на фудбалот – поминаа.

Изнесените квалификации и манипулации во овој случај не служат како ваше алиби за резултатите, туку многу повеќе. Самите не верувате во соопштението и го користите најгрубиот начин во намерата да создадете алиби и да ги обвините судиската организација и ФФМ за вашите резултати оваа пролет. Простете, но исполнување желби повеќе нема да има.

Загрижувачки, но во исто време и недолично за еден од најдобрите клубови во Македонија е што дозволува во неговите структури да биде инволвирано лице со сомнително минато и фудбалски манипулатор со постапки што не веруваме дека им се познати на сопствениците на ФК Силекс.

Долг е списокот со натпревари на кои директно беа оштетени клубовите противници на ФК Силекс, но доколку сакате, немаме проблем повторно да ги посочиме.

Имаме разбирање дека тешко се забораваат старите навики и претходниот начин на дејствување и дека треба време за да се прифати еден нов, професионален и чесен начин и пристап на работа.

Се надеваме дека ќе ги осознаете своите лични и колективни потенцијали и евентуални квалитети со вредностите што ги промовираме и дека повторно ќе го вратите вашиот клуб на патот на успехот.

Одборот на судии, заедно со стручните соработници, го следи секој натпревар со најголемо внимание и има конзистентен професионален пристап. Имено, натпреварите се контролираат од искусни контролори, кои биле врвни поранешни републички или интернационални судии, но вклучително и од целиот судиски Одбор.

Во изминатите две одиграни кола во Првата и во Втората МФЛ и одиграните натпревари од четврт-финалето на Купот на РМ, Одборот на судии генерално е задоволен од целокупните судиски перформанси, но, исто така, јавно и транспарентно ги потврди сите погрешни судиски проценки.

На последно одиграните четвртфинални куп-натпревари, конкретно на натпреварот Вардар – Силекс, во 68. минута, направена е погрешна проценка од првиот асистент судија при постигнувањето на голот на домашната екипа и таа, уште по завршувањето на натпреварот, е потврдена од контролорот.

Исто така, во посочената 6. минута од презентираната видеоснимка, тврдењето дека „играчот со бр. 8 на гостинската екипа е удрен со лакот од противнички играч“ е неиздржано, од причина што одбранбениот играч со бр. 3 на домашната екипа прв стигнува до топката и со испружена рака гради простор, при што напаѓачот удира во него. Оттука, би можеле да прифатиме дека не е досуден прекршок, но во никој случај не и некакво удирање со лакот на противнички играч.

Притоа, контрадикторно на тврдењето на гостинската екипа, во 51. минута, играчот со бр. 75 на домашната екипа стартува преостро врз противничкиот гостински играч со бр. 8, за што навремено е покажан и жолт картон, нешто што во прикажаното монтирано видео е исечено и не ѝ е презентирано на јавноста.

Воедно, во информирањето до јавноста, ФК Силекс презентираше и неточни и непрецизни податоци од извадената статистика за бројот на отсудените натпревари на главниот судија, кој, во најмала рака, е двојно повеќе од презентираното, имајќи предвид дека тој суди натпревари во Првата МФЛ од 2021 година и навистина, како Федерација, не би нè радувал фактот доколку ФК Силекс вака „педантно и точно“ води статистика и за своите играчи.

Истовремено, Одборот на судии информира дека и на натпреварот меѓу екипите на ФК Брера и ФК Аресими, во 78. минута, е направена погрешна проценка од главниот судија и не е досуден пенал за гостинската екипа.

Свесни сме дека фудбалот е динамична игра. Натпреварите од Првата и од Втората МФЛ, како и куп-натпреварите, се изедначени по квалитет, а судиите го носат „притисокот“ од значењето што го има секој натпревар и очекувањата од нив се големи. И покрај најдобрите напори, ненамерните погрешни судиски проценки се составен дел од секој спорт.

Сепак, изолираните погрешни судиски проценки, кои, патем, досега се сите негативно оценети од контролорите на судењето, во никој случај не смеат да фрлат сенка врз кредибилитетот, професионалноста и интегритетот на судиите, а ФФМ ќе му остане посветена на зачувувањето на интегритетот и транспарентноста во својот ангажман и нема да дозволи неосновани обвинувања да го нарушат кредибилитетот на Федерацијата и на нејзините претставници – се вели во соопштението.

Исто така, свој став изнесе и судиската Комисија, која спортски призна дека судиската тројка на натпреварот направила погрешна проценка при постигнувањето на голот на Вардар за победа.

ИЗДВОЕНИ