Основното јавно обвинителство Куманово го предава предметот за загадување на Крива Река во Крива Паланка на Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Како што претходно информираа, кумановското обвинителството формираше предмет, во меѓувреме стигнала и кривичната пријава од градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.
– За актуелниот настан за загадување на Крива Река, ние сами формиравме предмет, ги повикавме инспекторите за животна средина. Од нивна страна добивме известување за досега преземените активности и мерки. Сега го чекаме вештачењето од лабораторија. Стигна и кривичната пријава од градоначалникот, која е квалификувана по член 218 „загадување на животната средина“, за тоа кривично дело надлежно е обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Разговарав со шефот на тоа обвинителство, подготвени се да го преземат предметот и да постапуваат понатаму. Ќе бидеме во контакт со нив – изјави шефицата на ОЈО Куманово, Теута Бедиу Рамадани.
Градоначалникот на Крива Паланка на прес-конференција презентираше податоци дека водата во Крива Река во Крива Паланка е неупотреблива и сериозно загадена. Од компанијата „Булмак 2026“ на прес-конференција кажаа дека техничкиот проблем што настанал во рудникот „Тораница“ не предизвикал загадување на Крива Река.