Куманово се ослободува од хаварисаните возила

25

Секторот за инспекциски надзор од Куманово почна со поставување опомени на хаварисаните, неисправните и на нерегистрираните моторни возила паркирани на јавна површина во градот.

– Се повикуваат сопствениците на ваквиот вид возила да се обратат до Секторот за инспекциски надзор – Инспекторат, со цел бесплатно да им бидат транспортирани возилата на соодветна локација. Во спротивно, доколку не постапат согласно со бараното, ќе биде поднесена пријава против нив, за сторен прекршок – истакна градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски.

Неодамна, претставници од повеќе сектори од Општина Куманово, од СВР Куманово и оператори за управување со отпад одржаа состанок и разговараа за конкретни чекори и за забрзување на постапката за отстранување и дислокација на хаварисаните возила. На тогашната средба, беа дефинирани конкретните чекори што треба да ги преземат сите субјекти одговорни за процесот на дислокација на хаварисаните возила. На средбата присуствуваа претставници од Општината, Советот, Секторот за комунални дејности, Секторот за инспекциски надзор, ЈП „Куманово паркинг“, СВР Куманово, фирма за колективни постапувачи со кои склучила Општината договор за извршување активности и мерки поврзани со процесот на отстранување на отпадните возила.

Првично, во октомври лани, Општина Куманово ја воведе можноста за бесплатно отстранување на хаварисаните возила на нејзиното подрачје. По истекувањето на акцијата за бесплатен транспорт на хаварисаните возила, задолжените служби ќе почнат со отстранување на возилата што со години зафаќаат простор на тротоарите. Според информациите на комуналните инспектори, само во централното градско подрачје во Општина Куманово има седумдесетина автомобили што со години стојат на иста површина и ги зафаќаат тротоарите.

 

ИЗДВОЕНИ