Куманово ќе одвои повеќе средства за паркиралишта

19

Општина Куманово идната година ќе одвои повеќе средства за инвестиции за паркиралишта за да се ослободат тротоарите и за да се обезбеди поголема пристапност за лицата со попреченост, соопшти градоначалникот Максим Димитриевски. Засега се спуштени тротоарите на неколку клучни локации во централното градско подрачје.

– Претходно имавме инцијатива првично да ги спуштиме тротоарите. Мора да бидам искрен, тоа не изгледа убаво, бидејќи е импровизација, но на тој начин главните булевари во централното градско подрачје, на одредени локации, беа спуштени. Секаде каде што се гради нова инфраструктура, ги применуваме тие стандарди. Но, сите возила се непрописно паркирани. Може да градиме колку што сакаме… еве, овде, тротоарот пред училиштето („Толи Зордумис“) е зафатен со возило, што значи дека свеста на граѓаните мора да се подигне на повисоко ниво – истакна Димитриевски.

Тој додаде дека гаражните места што се планирани, не може да бидат трансформирани во дуќани или во друг тип објекти.

– Тоа е процес на кој ќе работиме заеднички со МВР, со другите служби. Општината веќе следната година ќе се потруди да обезбеди дополнителни финансии за инвестиција за нови паркиралишта, ама недостигот на паркинг-места не е изговор сопствениците да ги оставаат возилата каде што сакаат, кога сакаат и на начин на којшто сакаат – изјави Димитриевски.

И претседателката на Здружението „Инклузива“, Благица Димитровска, ги повика институциите, но и градежните компании да се придржуваат кон овие стандарди, бидејќи, како што нагласи, рампите во училиштата и во институциите не се соодветни и не ги исполнуваат критериумите за пристапност.

– Постои закон, постои правилник, но повторно се градат објекти што не се пристапни – изјави Димитровска.

Архитектонските бариери беа горлив проблем за лицата со инвалидитет. Во повеќе наврати, лицата со инвалидност организирано бараа од Општината да постави спуштени тротоари, бидејќи се жалеа дека не може да излезат од своите домови поради високите рабници, поради непристапните пешачки премини, со што им се скратуваше правото на движење. Од здруженијата бараа локалните самоуправи да ги почитуваат Законот за градба, Правилникот за непречен пристап, Законот за заштита од дискриминација, Конвенцијата за човекови права и да им овозможат на лицата со попреченост да се движат непречено.