Македонската и кумановска (бидејќи е родум од Куманово, каде што и живее) поп-ѕвезда и на времето голема „Ѕвезда на Гранд“, Мартинијан Кириловски-Маки, има нова поп-песна со необичен наслов – „Удри ме“. Всушност, тоа е баладa што со своите длабочина и искреност има потенцијал да стане нова химна за сите што погрешно љубеле некогаш, ја загубиле љубовта или, можеби, останале без зборови пред крајот на една љубовна приказна.
Музиката и аранжманот се потпишани од веќе признатиот композитор Илија Ќосевски, кој умешно создава звучна атмосфера што истовремено гали и распарчува. Текстот е на познатата Весна Малинова, а се зборува за несреќната љубов, за вината на неизговореното, приказ на внатрешниот емотивен судир што го чувствуваме кога згаснува љубовта. Гласот и ставата на Мартинијан, инаку некогашен победник на „Макфест“, се приказна за себе. Познат е и како кршач на женските срца. „Удри ме“ не е само песна туку и катарзичен момент, огледало на човечката слабост и копнежот по прошка, иако таа никогаш нема да дојде. Видеоспотот е сниман на неколку урбани локации во Скопје. Во режија е на Томислав Живковиќ, познат по својот визуелен сензибилитет и по умешноста да ја преточи емоцијата во слика. Во видеото се појавува моделот Ева Пауновиќ, а може да се види на официјалниот јутјуб-канал на Мартинијан Кириловски. „Удри ме“ е песна за сите оние што љубеле погрешно, молчеле кога требало да зборуваат и останале во врска кога требало да заминат. Песна што боли, но на оној вистински, прочистувачки начин. За да се потсетиме дека по секое паѓање доаѓа нов ден, кој носи нови емоции, нови средби, нов живот.