Со промоција на публикацијата „Ла барака“ (La Barraca), изложба на костимографката Елена Дончева и свечен настан на којшто присуствуваа актери, режисери, професори и личности од театарскиот и културниот живот на Скопје денес се одбележа 60. роденден на култното место на македонската културна историја – објектот на некогашниот Македонски народен театар, а денешен Театар Комедија.
Всушност, пред шеесет години, на 19 февруари 1965, во постземјотресното Скопје и во тогаш новоизградениот монтажен театар на МНТ, „изместен“ од левиот брег на Вардар, на нова локација во градот (на тогашниот булевар „ЈНА“, а сега булевар „Климент Охридски“) свечено била одиграна претставата „Коломба“ на Жан Ануј, комедија во режија на Димитар Ќостаров. Главните улоги ги играле: Љупка Џундева, Мери Бошкова, Ристо Шишков, Драги Костовски, Чедо Христов. Преводот бил на Илија Милчин, сценографијата на Томе Владимирски, а костимите на Рада Петрова. Ден подоцна, на 20 февруари, оперскиот ансамбл на МНТ ја извел операта „Набуко“ на Џузепе Верди со Анастасија Божикова и Енцо Серини, диригент Александар Лековски, а потоа, пак, на 21 февруари, настапил и балетскиот ансамбл со канонската „Копелија“ на Лео Делиб (кореографка Јитке Ивеља, сценограф Тома Владимирски, костимограф Василије Поповиќ-Цицо).
На денешниот настан и за публикацијата „Ла барака“ говореа професорката Јелена Лужина, театролог, и директорите на Театар Комедија, Дарко Спасов, и на Драмскиот театар, Роберт Вељановски.
Всушност, публикацијата „Ла барака“ освен за објектот на Театар Комедија/некогашен МНТ е посветена и на Драмски, бидејќи по скопскиот земјотрес, во 1965 година првите две новоизградени театарски дестинации биле токму овие две бараки. Едната МНТ, а другата Драмски во Карпош 2.
„Од текстовите и фотографии поместени во публикацијата, кои ги документираат изградбите на овие две бараки (МНТ и Драмски), ќе заклучите дека траеше една мртва трка кој прв ќе успее да се всели во тие свети простории“, рече Јелена Лужина.
Со многу емоција, која ја пренесе на присутните, таа раскажа како настанале овие објекти.
„Во едно постземјотресно Скопје, во кое луѓето живеат во шатори, во кое има проблем со исхрана, и во кое има милион проблеми кои сегашниве генерации не можат да ги замислат, во такво Скопје се градат бараки кои се хуманитарна помош од цел свет. Скопје станува прво место, после Втората светска војна, во кое заеднички ‘рмбаат и градат двете најголеми сили, Американците и Русите. Во ова Скопје се случуваат неверојатни работи и неверојатни напори за да се смести населението од шаторите во бараките. И во целата таа трка и врвулица се градат две бараки, како што се вели во некои документи, за културни потреби“.
Таа додаде и дека бараките се изградени за точно 16 месеци, Драмски – типски објект, британска донација, а за МНТ бил оригинално проектиран објект токму за локацијата, донација од Народното позориште на Нови Сад (архитект Мирослав Крстоношиќ).
„И тоа издржало шеесет години и функционира сè уште, до ден-денес. Оваа барака (стар МНТ/Театар Комедија) е културно наследство и крајно одговорно ги има обработено своите 60 години. Во него бил сместен целиот национален модел –македонската драма, опера и балет и освен во летните месеци никогаш, не бил празен. Во името на таа културна меморија, на тој круцијален, за нас, ‘знак покрај патот’“ мислам дека треба да се покрене иницијатива за да стане културен споменик од национално значење. Ви благодарам што се сеќавате и треба да продолжите да се сеќавате на клучните топоси од културната меморија на овој град, кој никогаш немал премногу среќна судбина и не многу лукративна историја, ама опстанал и треба да опстане заедно со своите театри“, додаде Лужина.
Како што е познато, објектот на сегашниот Театар Комедија, всушност на почетокот и долго време бил дом на трите еминентни македонски национални ансамбли Драма, Опера и Балет, но подоцна и сè уште и на ансамблите на Турскиот и на Албанскиот театар.
Инаку, почесна гостинка на настанот беше и легендарната македонска примабалерина Емилија Џипунова, големата дама на македонската театарска и културна историја, која била директна учесничка во претставите одиграни на 19, 20 и 21 февруари далечната 1965 година. Џипунова беше почестена со голем аплауз од присутните на настанот, а како што рече Лужина, токму оваа наша примабалерина е сведок на настаните кои денес ги меморираме со голема чест и задоволство. „Таа е последната преживеана учесничка на овој круцијален настан кој се случи пред шеесет години“, додаде Лужина.
Во фоајето на „Театар Комедија“ беа изложени и костимографските скици на Елена Дончева, а како што дополни директорот на Драмски, Вељановски, двете бараки, Драмски и МНТ – „60 години се извор на театарското живеење на градот Скопје“. (Н.И.Т.)