Култната сала „Работнички“ ќе добие ново име

87

Се прават напори новата сала „Работнички“ да биде пуштена во употреба до септември, најдоцна октомври оваа година, најави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во телевизиско гостување. Тој исто така откри дека салата ќе добие ново име, кое ќе биде изненадување, а ќе биде кажано при нејзиното отворање.

Градоначалникот информираше дека во тек e првата фаза од реконструкцијата, а тоа е нова фасада, нов покрив, нови канцелариски простории каде што се сместени федерациите.

– Планирано е првата фаза да заврши во март, верувам дека и временските услови ќе нè послужат. За втората фаза, јавната набавка е веќе распишана, се очекува до крајот на месецот да заврши истата – истакна Герасимовски.

Тој рече и дека се изгубило многу време во добивање на сопственост на салата за да може да се направи реконструкцијата.

– Многу градоначалници пред мене ветуваа, но остана само ветување, еве после подолг временски период обезбедивме финансиски средства и почнавме со реконструкција. Целта ни е како општина да инвестираме во спортот и во нашите млади со реконструкција на оваа сала, но и со реконструкција на останатите сали што ги имаме во нашите осум основни училишта – потенцираше Герасимовски.

Тој изјави дека за изградбата на салата се обезбедени средства преку јавните повици од претходната и актуелната влада, со финансиска поддршка за двете фази на проектот.

– Планирано е да се реконструира долниот дел, односно да се постави нов под, да се средат целосно трибините, да се постават нови санитарни јазли, електрика итн. Ќе имаме една модерна и убава спортска сала која ќе биде за пример. Капацитетот и трибините ќе бидат во согласност со ФИБА стандардите – објасни Герасимовски.

ИЗДВОЕНИ