Кукаме дека цените се високи, а не бојкотираме

И покрај тоа што иницијативата за бојкот кружи на социјалните мрежи подолго од една недела, граѓаните не покажаа дека се единствени во намерата да им одржат лекција на маркетите. Се очекуваше дека овој петок бојкотот ќе биде помасовен, а потрошувачите ќе ги набават потребните производи претходниот ден, тоа не се случи. Од власта најавија драконски казни за прекршителите по завршување на шестмесечните контролите на Пазарниот инспекторат со кои се опфатени дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците. Од Организација на потрошувачи на Македонија апелираат за што побрзо носење на конкретни мерки, бидејќи како што велат казните што ќе ги изречат инспекторите нема да го зголемат паричникот на граѓаните

129

Под слоганот „Црн петок за маркетите“, дел од граѓаните и вчера ги бојкотираа маркетите и го изразија незадоволството од високите цени на основните прехранбени производи. Но, изненадувачки е што бројот на потрошувачи кој вчера беа излезени да пазарат беше поголем од минатиот петок. И покрај тоа што иницијативата за бојкот кружи на социјалните мрежи подолго од една недела, граѓаните не покажаа дека се единствени во намерата да им одржат лекција на маркетите. Се очекуваше дека овој петок бојкотот ќе биде помасовен, а потрошувачите ќе ги набават потребните производи претходниот ден, тоа не се случи. Од власта најавија драконски казни за прекршителите по завршување на шестмесечните контролите на Пазарниот инспекторат со кои се опфатени дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците. Од Организација на потрошувачи на Македонија, апелираат за што побрзо носење на конкретни мерки, бидејќи како што велат казните што ќе ги изречат инспекторите нема да го зголемат паричникот на граѓаните.

Дел од граѓаните кои излегуваа со кесите од маркетите ги прашавме зашто не бојкотираа ни одговорија дека мора да се јаде, да се направи ручек и оти не веруваат дека на овој начин ќе се реши проблемот.

-Да ви кажам дека додека трае бојкотот цените се качени. Јас не бојкотирав и бев на пазарење и минатиот петок и забележувам дека цените од минатиот петок досега повторно се качени, вели една потрошувачка.

Друга, пак, вели дека со еден ден бојкот не правиме ништо, а освен тоа кај нас луѓето не се единствени. Минатиот петок имаше поголеми размери, бидејќи дел од потрошувачите сметаат дека мора да бојкотираат. Сега мислам дека им стана јасно дека нема многу да променат и затоа влегуваат во маркетите да пазарат.

-Излегов да купам само млеко, леб и јогурт. Видете јас сум пензионер и одење во маркет во денот за мене е настан и причина да излезам и да се прошетам. Затоа не сакав да си го скратувам тоа задоволство, вели еден пензионер.

Но, има и такви кои ги избегнуваа маркетите и велеа дека претерано е ова што се случува со цените. Влегуваш во маркет и ќе ти отидат парите, а ништо не си купил дома фрижидерот пак ти е празен.

Од Организација на потрошувачи на Македонија, пак, апелираат за што побрзо носење на конкретни мерки кои ќе имаат ефект, а не само најави за казни на трговците.

– Потребни се конкретни мерки, како што презема Хрватска, односно ограничување на цените на над 70 производи. Казните што ќе ги изречат инспекторите нема да го зголемат нашиот паричник. Не знам ни дали после казните трговците ќе ги намалат цените и колку време ќе треба тоа да се случи. Сите треба да разберат дека на граѓаните им требаат мерки веднаш и сега затоа што цените се навистина се отидени до плафон, изјави за ВЕЧЕР, Маријана Лончар-Велкова, претседател на ОПМ.

Таа додава дека и покрај тоа што се очекуваше дека ќе има поголем промет во четвртокот и во саботата тоа не се случи. Немаше големи осцилации во прометот ден претходно и ден потоа, а во петокот прометот беше преполовен.

Љупчо Јаневски, универзитетски професор, на социјалните мрежи повикува да бојкотираме со купување на македонски производи.

-Цените не се формираат само од големите маркети туку и од компаниите кои ги увезуваат и државата која го регулира пазарот со царини и дополнителни даноци. Тогаш зошто не се откажат тие од дел на профитот и да биде ограничена влезната маржа или намалена одредена царинска стапка а производот да биде тогаш со гарантирана излезна цена во маркетите. Јас повикувам на нешто друго да се купуваат македонски производи бидејќи на тој начин ќе имаме домашното зголемено -домашно производство, креирање на нови микро и мали производителите, креирање на нови работни места, раст на економијата и БДП, како и на извозот на македонски производи, вели Јаневски.

Инаку, до крајот на неделата треба да завршат и шестмесечните контроли на Пазарниот инспекторат, по што Владата ќе донесе мерки.

–Надзор се врши врз целокупниот процес, се контролира и колкава е маржата ставена од трговците за период од шест месеци, дали таму е чепкано и врз основа на тој извештај од Инспекторатот, како Влада ќе преземеме соодветни мерки, истакна министерот за економија Бесар Дурмиши.

Според него, легитимно е да има бојкот на маркетите бидејќи одредени компании генерираат огромни приходи на грбот на граѓаните. Ова нема да го прифатиме и да го толерираме, подготвени сме да ги преземеме сите мерки што ни се на располагање за да ги спречиме овие незгодни ситуации.

Од Сојузот на стопански комори, пак, велат дека супермаркетите работат со минимални маржи и дека ценовната моќ е кај добавувачите и производителите. Повикувајќи се на резултатите од направена анализа, од ССК посочуваат дека супермаркетите работат со просечна профитна маржа од 0,83 отсто, а производителите и дистрибутерите во просек остваруваат 4,32 отсто. Некои добавувачи имаат профитни маржи над 13 отсто, додека супермаркетите остануваат под 3 отсто, велат од ССК.

– Супермаркетите не се одговорни за зголемувањето на цените, а главната ценовна моќ е во рацете на добавувачите и производителите, кои уживаат значително повисоки профити, додека супермаркетите работат со минимални маржи, наведуваат од Сојузот на стопански комори.

Анализата, како што посочуваат од Комората, покажала екстреми во профитните маржи. Некои производители имаат профитни маржи кои се далеку над оние на супермаркетите.

– Супермаркетите се соочуваат со најголема јавна критика за цените, иако заработуваат значително помалку по производ од добавувачите. На листата на 15 најголеми добавувачи се покажува дека овие компании генерираат големи профити, но вработуваат многу малку луѓе. Тие сочинуваат 11,8 отсто од вкупниот приход на производителите, но 21,3 отсто од нивниот вкупен профит, велат од Комората.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека го разбира револтот на граѓаните и дека го поддржува бојкотот, но очекува производителите, дистрибутерите и трговците преку дијалог да го надминат проблемот.

Освен во Хрватска, бојкотот се прошири во сите поранешни ЈУ републики, а повици за воздржување од купување овој петок има и во Косово, Бугарија и Грција.

(А.С.)

 

ИЗДВОЕНИ