Во Струмица се отворени и осветени просториите на Куќата за отворено домување, за жртвите на семејно насилство и Фондацијата „Елеуса“ при Струмичката епархија на МПЦ-ОА.
Просториите се сместени во поранешниот објект на четвртата месна заедница, кој Општина Струмица ѝ го додели на Фондацијата, на трајно користење.
Просториите ги освети викарниот епископ Јаков Стобиски, а во изјавата за медиумите градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, истакна дека со отворањето на Куќата за отворено домување се затвора целиот синџир на згрижување жени и деца жртви на семејно насилство.
– Со тоа добиваме додадена вредност во делот на социјалните услуги во рамките на Општина Струмица и потврдуваме дека Струмица е на пиедесталот кога, генерално, станува збор за социјалните услуги, а особено кога станува збор за згрижувањето на жените и на децата жртви од семејно насилство. Оваа заедничка соработка ја отсликува и волјата на Општина Струмица да соработува со граѓанскиот сектор и на тој начин ги расчистуваме сите дилеми на некои дали Струмица соработува или не со граѓанскиот сектор. Затоа велам дека ако може нешто да нè обедини, тоа се социјалните услуги – изјави Костадинов.
Катерина Давчева од Фондацијата „Елеуса“ истакна дека сиромаштијата не познава политички партии, раса и боја на кожа.
– Затоа сите заедно, сплотени ,треба да помагаме за да се надминат овие проблеми што ги има заедницата. Објектот има двонаменско користење, односно нема да биде тука само седиштето на Фондацијата туку многу поважно е што, кога веќе почнуваат шеснаесетте дена активизам и борба против семејното насилство, еден дел од објектот ќе биде Куќа за отворено домување – нагласи Давчева.
Во Куќата ќе може да се сместат две-три семејства, каде што ќе ги имаат сите услови за живеење.
– Овие простории се од клучна важност кога станува збор за реинтегративниот и ресоцијалниот процес на жртвите на семејно насилство. Куќата за отворено домовување значи дека таму ќе се згрижуваат жртвите на семејно насилство и нивните деца, кои излегуваат од Шелтер центарот. Според програмата, ќе сместуваме жени и деца што низ годините биле жртви на семејно насилство, но безбедносниот процес е завршен и на жртвите не им се заканува повторно насилство. Тоа значи дека ние подаваме рака жените и децата да не завршат на улица и како бездомници – изјави Стојне Митева од Здружението „Скај плус“ од Струмица.
Таа објасни дека жртвите ќе може да престојуваат од шест до 24 месеци и ќе имаат секаков вид заштита, како и дека ќе се овозможи жените да најдат работа и да се вратат во нормалниот тек на живеење.
Општина Струмица целосно ја изврши реконструкцијата на објектот, за што се потрошени вкупно 5.838.176 денари.