„Куќа имам на Пелистер“ е необично доживување кое е дел од „Зимската приказна“ на Битола, а го организира Националниот парк „Пелистер“, в недела, со почеток во 11 часот во Инфо Центарот.
На само еден ден, во Инфо-центарот ќе се обедини сето она што Пелистер го прави посебен. Со учество на повеќе од 20 локални производители, ресторани, туристички агенции, хотели и авантуристички клубови, ќе имате можност да вкусите, истражите и доживеете искуства што досега не сте ги имале. Ќе можете да пробате домашни деликатеси и специјалитети на локалните производители и ресторани кои ќе го разбудат секое сетило.
Љубителите на адреналин и природа ќе можат да го искусат џип сафарито низ дивите патеки на Пелистер, потоа кањонинг во мистичното Мариово, фree ride скијање за љубителите на снежна авантура, еxtreme Bike Team Bitola, како и Pelister Unique Trail Marathon (PUTM).
Хотелите, апартманите и туристичките агенции ќе ги претстават своите ексклузивни промотивни понуди кои ќе можат да се добијат само тој ден.
Ќе има и изненадувања: голема наградна игра „Купете производи, учествувајте во активностите и добијте можност да освоите атрактивни награди“. Средствата од наградната игра ќе бидат донирани за хуманитарни цели. Освен тоа, ќе има и многу забава. Групата „Деспина“ ќе донесе музичка енергија што ќе ве поттикне да заиграте, додека DJ Svaba ќе се погрижи за урбани ритмови на планинската чистина. Марјан Ѓоргиевски ќе внесе шарм и позитивна енергија во секој момент.
За сите кои сакаат да бидат дел од ова доживување, до Инфо Центарот на Пелистер е организиран бесплатен јавен превоз.
Превозот поаѓа во 10:15 часот поаѓа од Атпазар, Шехерзада, Црн Мост Довлеџик и во исто време од Спортска сала, Болница, Новиот пазар, а враќањето ќе биде во 15:30 часот.