Жарко Кујунџиски, за збирката раскази „Приказничар“ во издание на „Антолог“, е добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга на традиционалните годишни награди на Друштвото на писателите на Македонија за 2024 година. Наградата „Ацо Шопов“ за најдобра збирка поезија, пак, ја доби Иван Џепароски за „Посвети и пофалби“ во издание на „Дијалог“. Признанието за најдобра книга за деца и млади „Ванчо Николески“ му припадна на Иван Антоновски за „Бакнежи на небото“, во издание на „Светулка“, а наградата „Димитар Митрев“, која се доделува за најдобра збирка критика или есеистика, отиде во рацете на Наташа Аврамовска за „Книжевни паметници“ на Институт за македонска литература. Гордана Јовиќ-Стојковска, пак, за делото „Беше еднаш една куќа“ (Била једном једна кућа) во издание на „Слово љубве“, се закити со наградата „Мост“ за најдобра книга напишана на некој од јазиците на националностите во Македонија.

„Целиот избор, процес помина без проблеми и со постојана размена на информации помеѓу раководството и членовите на жири-комисиите. Се сумираа бодовите, се издвоија финалистите. Со членовите на жири-комисиите имавме пет средби, овде, во ДПМ, се дискутираше. Во три од случаите имаше и гласање, бодување, а во два имаше само дискусија. И така се дојде до овие резултати“, рече на денешната прес-конференција претседателот на ДПМ, Живко Грозданоски, истакнувајќи дека годинава се доделиле сите пет награди воспоставени од писателката асоцијација, вклучително и „Мост“, по подолго време.

Прашани за годинашното искуство што го имале при жирирањето, бидејќи членовите на комисиите не беа претходно запознаени меѓу себе, Катица Ќулавкова, претседателка на комисијата за наградата „Ацо Шопов“, посочи дека за неа било изненадувачки кога ги сретнала другите двајца членови (Гордана Михаилова-Бошнакоска и Влада Урошевиќ) на состанокот кога требало да се донесе финалната одлука.

„Не знаевме дотогаш дека сме членови, а во најголем дел од насловите и авторите, ни се совпадна мислењето. Првите осум наслови што ги издвоивме и потоа последните три што влегоа во најтесниот избор беа заеднички. Значи, кога има некој квалитет што е препознатлив и кога има критичари што се членови на жири што не се пристрасни кон авторот, тогаш изборот тече нормално и има голема веројатност да дојдеме до слични одлуки“, истакна Ќулавкова.

Слично било искуството и во комисијата за наградата „Димитар Митрев“. Како што посочи Лидија Капушевска – Дракулевска, претседателка на оваа комисија, исто било искуството, бидејќи биле помалку наслови за оваа награда. „Уште во првиот круг одбравме три наслови, кои беа финалисти и комисијата беше со слични споделени оценки и потоа, во дискусија, едногласно беше донесена одлуката“, додаде таа. Членови на оваа комисија беа и Санде Стојчевски и Дејан Трајковски.

За наградата „Стале Попов“, Лилјана Пандева, претседателка на комисијата, рече дека од трите книги што влегле во последниот круг, две имале израмнети гласови, така што жири-комисијата (членови Петар Андоновски и Блаже Миневски) дискутирала и со повторно бодување го избрала победникот.

„За наградата ‘Мост’ немаше голем интерес, но се надевам дека, по ова, ќе се подигнат некои стандарди и принципи и ДПМ ќе стане поблиско до авторите, кои досега не беа заинтересирани“, рече претседателката на комисијата за доделување на признанието за најдобра книга напишана на некој од јазиците на националностите, Сеида Бегановиќ. Членови беа и Тихомир Јанчовски и Лејла Шериф Емин.

И за доделувањето на наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади, искуството било слично. Како што посочи претседателката Билјана С. Црвенковска, финалистите за оваа награда веднаш се одвоиле, брзо биле избрани и сите гласале за нив. Членови биле и Мито Спасевски и Александра Велинова.

„Кога се сретнавме, прво имавме дискусија, па гласање и победничката книга ‘исплива’ со бројот на гласови“, додаде Црвенковска, посочувајќи дека секоја година има ист проблем со оваа награда.

„Немаме доволно автори што пишуваат за деца, но, исто така, немаме доволно современи автори што пишуваат за деца и што ги следат современите текови, кои бараат литературата за деца да биде едно целосно дело, во смисла на текст, нарација, целосен изглед на книгата. Комисиите се соочуваат со мал избор на современи дела“, додаде Црвенковска.

Инаку, финалисти за наградата „Стале Попов“, покрај „Приказничар“ на Кујунџиски, беа и „Ветрилиште“ (Игор Анѓелков, „Или-или“) и „Кој го уби Едгар Алан По“ (Владо Јаневски, „Или-или“). За наградата „Ацо Шопов“, освен „Посвети и пофалби“ на Џепароски, во конкуренција беа и „Јазикот што само ние го разбираме“ (Зоран Јакимоски, „ПНВ Публикации“) и „Одглас (на нечуеното)“ (Сузана Мицева, самиздат). За „Ванчо Николески“, покрај „Бакнежи на небото“ на Антоновски, во последниот круг се натпреваруваа и „Со големо Д (прозен воспев на Другарството)“ (Александар Кујунџиски, „Антолог“) и „Првото жарче Љ У Б“ (Велко Неделковски, „Арс ламина“). Во финалето за „Димитар Митрев“, заедно со „Книжевни паметници“ на Аврамовска, беа и „Жени во македонската книжевност од XIX век“ (Славчо Ковилоски, ИМЛ) и „Дом во тишина“ (Никола Маџиров, „Арс ламина“), а покрај „Беше еднаш една куќа“ на Јовиќ- Стојковска, за наградата „Мост“ конкуренти беа и „Vetëtimat e heshtjes” („Молњи на молкот“, Делвина Крлуку, самиздат) и „Kopeja Me Zgjebe ndjek autorin” („Шугавото стадо го брка авторот“, Каљош Челику, самиздат).

Врачувањето на наградите и прославата на 78. роденден на Друштвото на писателите на Македонија се на 13 февруари, во 12:00 часот, во свечената сала на ДПМ. (Н.И.Т.) Фото: Ѕ.Плавевски

ИЗДВОЕНИ