Во околу час и половина, нашиот џез-оркестар заедно со австрискиот диригент Зиги Фајгл, преку композициите и аранжманите на Кентон, ја поведе публиката од преполната сала на едно џез, свинг и латино патување, враќајќи нè во ерата на свингот, период пред Втората светска војна, кога биг-бенд свинг музиката беше најпопуларен музички жанр во САД

Националниот џез-оркестар, синоќа, во Македонската филхармонија одржа уште еден успешен концерт, овој пат насловен „Кубански оган“ (Cuban Fire), а посветен на творештвото на американскиот џез-музичар, пијанист, композитор, аранжер и бенд-лидер Стен Кентон.

Во околу час и половина, нашиот џез-оркестар, заедно со австрискиот диригент Зиги Фајгл, преку композициите и аранжманите на Кентон, ја поведе публиката од преполната сала на едно џез, свинг и латино патување, враќајќи нè во ерата на свингот, период пред Втората светска војна, кога биг-бенд свинг музиката беше најпопуларен музички жанр во САД.

Концертот, содржеше два дела, првиот со фокус на познати џез нумери, a вториот од албумот „Кубански оган“ (Cuban Fire) снимен од Кентон и неговиот оркестар 1956 година и оценет од критиката како „возбудлива и кинематографска фузија на кубанската и биг-бенд музиката“.

„Среќен сум што можам повторно да бидам со овој одличен оркестар. Пред шест или седум години имав шанса првпат да соработувам со оркестарот и секогаш е задоволство да се вратам во Скопје. Драго ми е што гледам колку овој оркестар се развил и се рaзвива, ова е навистина фантастичен џез-оркестар. Треба да бидете горди“, рече на почетокот на концертот диригентот Фајгл.

Тој повеќепати помеѓу изведбите ги претставуваше членовите на оркестарот, со име и презиме, и кога се чинеше дека не може баш да се присети на некое од презимињата на нашите музичари се пошегува дека можеби треба наместо еднаш, двапати да доаѓа во Скопје.

Македонската публика со аплауз ги проследи сите изведби на оркестарот, а најголем впечаток ѝ оставија нумерите со ‘засилената’ ритам секција, но секако не го криеше воодушевувањето и од брас-секцијата. На концертот присуствуваше и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој во публиката беше придружуван од директорот на Националниот џез-оркестар, Гоце Стевковски.

„24 срца свират за вас од оваа сцена“, рече на крајот од настапот Зиги Фајгл, одјавувајќи го концертот со нумерата „Три срца“. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ