Пукање се случи утрово во скопско Волково, за што потврдуваат и од МВР.
„Денеска (24.03.2025) околу 09.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека во с.Волково, скопско, имало пукање од огнено оружје, при што неколку лица биле повредени. Полициски службеници излегле на местото и било констатирано дека Р.Ц. и М.Н. од здобиените повреди починале на местото. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт. Со повреди се здобил и еден малолетник, кој бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување помош. Како можен сторител на настанот се посочува М.Н.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.
Како што пренесува ПлусИнфо, кираџија со неколку истрели го убил сопственикот на куќата во која живеел, а го повредил и малолетниот син на сопственикот. Според изворите на медиумот, непосредно по пукањето, убиецот си го одзел животот со истрел во главата.
Жителите раскажуваат дека ги разбудиле пукотници од огнено оружје, проследени со сирени на полицијата и на Брзата помош.
На местото на случајот има полиција која го обезбедува местото и Брза помош.