Кротко бездомно куче ѕверски удирано по глава

388

Стравотен облик на суровост и изживување врз мирно бездомно животно бил забележан во фирма во Момин Поток. Се работи за куче што повеќе од 20 пати било ѕверски удирано по главата од вработен во фирма.

Од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ информираат дека во присуство на четири полнолетни лица, мажи, било удирано мирно бездомно куче со дебело дрво, најкрвнички, со сета сила, без кој било да интервенира, додека тоа завивало од болка, не можејќи да избега или да се спаси.

Благодарение на хуман човек, кучето било однесено во ЈП „Лајка“, а ветеринарите од ова претпријатие и доктор Марин Величковски се борат да го спасат.

Од ЈП „Лајка“ велат дека кучето со среден раст на возраст до 2 години било примено кај нив во животно-загрозувачка, полусвесна состојба, со видливи повреди на телото, особено на главата, контузии на главата и оток, со крварење, тешко дишење и посекотини од остар предмет.
-Човекот кој го донесе кучето посведочи дека тоа се здобило со најмалку 10 удари со метален предмет во пределот на главата. Претепаното куче е под ветеринарен надзор и терапија во ЈП Лајка, но неговата здравствена состојба не е променета и ее неизвесна – соопштија од ЈП „Лајка“.
Оттаму додаваат дека додека кучето се бори за живот, Јавниот обвинител надлежен за случајот го пуштил сторителот не продолжувајќи му ја мерката притвор.
Најавуваат дека ќе поднесат кривична пријава против сторителот и соучесниците во кривично-правниот настан и следствено ќе бараат да се изрече највисока казна затвор согласно Кривичниот закон.

Случајот ќе останел незабележан доколку не бил евидентиран од камерите за видеонадзор.

– Како и во секоја нормална држава, бараме итно процесирање на кривична постапка и најстрога, тригодишна казна затвор за сторителот. Три години затвор без исклучок, зашто ваква омраза и суровост може да направи само девијантно и крајно опасно, садистичко битие, психопат без контрола и без грам емпатија кон послабите – реагираат од „Анима мунди“.

Оттаму додаваат дека, согласно со информациите што ги имаат, човекот бил приведен и, како што велат, нема да дозволат да се извлече.

Притоа бараат министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, јавно да се изјасни во однос на овој, како што нарекуваат, шокантен случај.

Како илустрација, од Здружението посочуваат дека во Англија овој човек би бил осуден на петгодишна затворска казна, а во Грција, за вакво мачење, се предвидуваат и до 10 години затвор и глоби до 15. 000 евра.

– Државата мора да ја препознава и најстрого да ја казнува суровоста кон животните, која во државите во ЕУ е индикатор за насилство врз децата, жените, ранливите категории; показател за сериозна психопатологија – нагласуваат од „Анима мунди“.

Тие велат дека изготвиле предлог-иницијатива за измена и за дополнување на Кривичниот законик, која ќе биде доставена во Владата, до претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, до ресорните министерства, наредната недела и, секако, до медиумите и до јавноста. За неа, тие очекуваат унифицирана поддршка од сите релевантни субјекти.

(А.П.)

 

ИЗДВОЕНИ