Со натпреварот помеѓу Шпанија и Германија почнува четвртфиналната фаза на Европското првенство во фудбал. Мечот што ќе се одигра денеска (18:00 часот) во Штутгарт може да биде последен во кариерата на Тони Крос, бидејќи на крајот од мај објави дека ова е неговата последна сезона на клупско и на репрезентативно ниво.

Сепак, одличниот играч од средниот ред, кој неодамна се закити со уште една шампионска титула во дресот на Реал Мадрид во ЛШ, како и во шпанската Ла Лига, смета дека неговата селекција ќе излезе како победник од мегадуелот со „црвената фурија“, односно ќе обезбеди полуфинале.

  • Не сум носталгичен. Мислам дека нема да биде тоа мојот последен натпревар и мислам дека повторно ќе се видиме – им порача Крос на новинарите, кои го прашаа дали ќе биде во првата постава на својот последен натпревар против Шпанија.

Крос додаде:

  • Целта, лична и колективна, е да го освоиме турнирот. Имаме голема желба во тимот да одиме понатаму и убедени сме дека сме способни за тоа.

Изјави дека пласманот во четврт-финалето, за него, е само постигнување на „минималната цел“.

На вториот меч предвиден за денеска (21:00 часот), силите ќе ги одмерат Португалија и Франција. „Триколорите“ влегуваат како благ фаворит на овој дуел, а, од друга страна, ова е последна шанса за Кристијано Роналдо да дојде до уште една европска круна со својата селекција, по онаа во 2016 г., кога беше совладан тогашниот домаќин, Франција, со 1:0.