Кризата тропа на врата, од доларот и акциите сега посигурна инвестиција е дури и бразилскиот реал

8313

Инвеститорите набрзина го повлекуваат капиталот од ризичните средства и се свртуваат кон безбедни засолништа – јапонскиот јен, швајцарскиот франк, златото и државните обврзници. Покрај традиционалните сигурни валути, сè повеќе се бараат алтернативни решенија. Едно од нив е бразилскиот реал, кој е меѓу најуспешните валути оваа година. Иако според стабилноста, реалот не може да се спореди со јенот или франкот, неговата атрактивност расте благодарение на поволните структурни фактори и интересот на инвеститорите кои бараат диверзификација, велат аналитичарите

 

Глобална криза тропа на врата, па да го заштитат својот капитал, големите инвеститори ја менуваат својата долгогодишна деловна политика. Соочени со можност за рецесија во комбинација со зголемените геополитички тензии, набрзина го повлекуваат капиталот од ризичните средства и се свртуваат кон безбедни засолништа – јапонскиот јен, швајцарскиот франк, златото и државните обврзници.

За само неколку дена јенот зајакна за околу три отсто во однос на американскиот долар, а аналитичарите истакнуваат дека неговата улога како заштитна валута може дополнително да се зголеми во наредните месеци.

-Јапонскиот јен ќе биде добар, можеби најдобриот кандидат за заштита од трговските тензии и евентуалната американска рецесија поради голем број добро познати причини, рече Ебрахим Рахбари, директор за стратегија за каматни стапки во „Абсолут стратеџи рисрч“, пренесе ЦНБЦ.

Рахбари објаснува дека јенот сè уште е потценет, а со очекуваниот пад на каматните стапки во САД, разликата во приносот меѓу двете валути ќе се намали. Иако Јапонија е главен извозник, таа во моментов е помалку зависна од меѓународната трговија, што дополнително ја зголемува атрактивноста на нејзината валута. Покрај кон јенот, инвеститорите сè повеќе се свртуваат и кон швајцарскиот франк, кој исто така порасна за три отсто, достигнувајќи ниво од 0,8522 во однос на американскиот долар. Тоа е уште едно традиционално прибежиште во неизвесни времиња, а многу експерти веруваат дека франкот во моментов нуди постабилна заштита.

-И јапонскиот јен и швајцарскиот франк се корисни алатки за да се амортизира бурната пазарна реакција на царините, рече Мет Ортон, директор за пазарна стратегија во „Рајмонд Џејмс инвестмент менаџмент“, додавајќи дека франкот е фаворизиран поради неизвесноста околу идните потези на јапонската централна банка, пренесе „Блиц“.

Покрај традиционалните сигурни валути, сè повеќе се бараат алтернативни решенија. Едно од нив е бразилскиот реал, кој е меѓу најуспешните валути оваа година. Според Рахбари реалот моментално е евтин, има висок принос и е релативно помалку изложен на глобалната трговија. Иако оваа валута  според стабилноста не може да се спореди со јенот или франкот, нејзината атрактивност расте благодарение на поволните структурни фактори и интересот на инвеститорите кои бараат диверзификација.

Падот на берзите што се случува уште откако трговската војна на Трамп беше во најава, а сега е во фаза топло-ладно, ги одвраќа инвеститорите од акциите. Тие сега се вртат кон други хартии од вредност – државни обврзници. Побарувачката за американски и јапонски обврзници расте, што доведе до остар пад на приносите. Така, приносот на американските 10-годишни државни обврзници е намален од почетокот на април за шест отсто, на 3,873 отсто, додека јапонската 10-годишна обврзница падна на 1,05 отсто, што е најниско ниво од декември минатата година.

-Инвеститорите се повлекуваат од акциите и се свртуваат кон побезбедни класи на средства: американски обврзници, златни шипки, фјучерси на долар, нафта, опции на нестабилност и индексни деривати, рече Хозе Торес, виш економист во „Интеракив Брокерс“, пренесе „Блиц“.

Цената на златото скокна на рекордно високо ниво откако Трамп ги објави царините. Подоцна делумно се стабилизира, но се уште останува висока, потврдувајќи ја неговата улога како инвестиција во неизвесни времиња.

-Златото продолжува да зајакнува поради несигурноста во трговските односи, зголемените геополитички тензии, слабеењето на доларот, зголеменото купување на централните банки и зголемениот ризик од рецесија, посочуваат аналитичарите на БМИ.

Џеф Нг од „Сумитомо Митсуи Банк“ потсетува дека златото традиционално функционира како безбедно засолниште во време на финансиски кризи и дека побарувачката од домаќинствата и владите останува висока. Сепак, тој предупредува дека цените можеби веќе ја достигнале горната граница. Други аналитичари, пак, сметаат дека моменталната ситуација оди во прилог на натамошен раст на цената на златото.

 

ИЗДВОЕНИ