Повеќе од 700 вработени во рестораните на „Мекдоналдс“ во Велика Британија, кои се помлади од 19 години, најавија дека ќе поднесат тужба против ресторанот за брза храна, меѓу другото, за дискриминација и сексуално вознемирување, соопшти денеска правната фирма „Ли Деј“.
Од „Ли Деј“, фирмата што ги застапува работниците, велат дека вработените тврдат дека се соочуваат со дискриминација, хомофобија, расизам и сексуално вознемирување на работното место.
Мет, кој минатата година поднесе оставка од еден од 450-те ресторани вклучени во тужбата, рече дека се соочува со дискриминација поради неговите потешкотии во учењето и проблеми со очите.
Тој додаде дека бил сведок на ситуации во кои менаџерите се однесувале расистички кон персоналот или несоодветно ги допирале работниците, според веб-страницата на Ли Деј.
Кога обвиненијата станаа јавни, „Мекдоналдс“ се извини, додавајќи дека во компанијата „нема место за вознемирување, злоупотреба или дискриминација“.
„Ќе ги испитаме сите наводи што ни се доставени и на сите докажани прекршувања на нашиот кодекс на однесување ќе одговориме со најстрогите мерки што законски можеме да ги наметнеме, вклучително и отказ“, велат од ресторанот.