Кривични пријави против Вучиќ, Брнабиќ и Вучевиќ! Состојбата на повредените во Нови Сад и понатаму е критична

0
656
EPA-EFE/MARKO KAROVIC

Состојбата на тројцата повредени во несреќата во Нови Сад, кога се урна настрешницата пред влезот на главната железничка станица во тој град, се уште е критична и тие се наоѓаат во животна опасност, потврди директорот на новосадскиот Ургентен центар Драган Николиќ.

Како што изјави за Српската радио-телевизија, повредените се под лекарски надзор 24 часа.

Мултидисциплинарниот тим е постојано присутен кај тројцата повредени, така што во реално време имаме информации за нивната здравствена состојба“, изјави Николиќ.

Во Нови Сад е трет ден на жалост, а во Собранието на Нови Сад, како што соопштија градските власти, отворена е Книгата на жалост.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на 4 ноември изјави дека е „сигурен“ дека надлежните државни органи ќе утврдат кој е одговорен за трагедијата.

„Уште еднаш сакам да изразам сочувство до семејствата на жртвите на железничката станица во Нови Сад и да кажам дека сум сигурен дека надлежните државни органи ќе утврдат кој е кривично одговорен за трагедијата што ја снајде нашата земја“, рече Вучиќ во обраќањето пред новинарите во Белград, каде шефот на Делегацијата на Европската унија во Србија, Емануел Жиофре му го предаде извештајот на Европската комисија за напредокот на Србија во евроинтеграциите.

По обраќањето на Вучиќ и шефот на делегацијата на Европската Унија, на медиумите не им беше дозволено да поставуваат прашања. Претседателот на Србија не одговараше на новинарски прашања по несреќата во Нови Сад.

Во меѓувреме, опозициското движење „Тргни – промени“ на 4 ноември до Вишото јавно обвинителство во Нови Сад поднесе кривична пријава против Вучиќ, премиерот Милош Вучевиќ и претседателката на Собранието Ана Брнабиќ поради несреќата на Железничката станица. Лидерот на Тргни -Промени Саво Манојловиќ во своето обраќање пред новинарите прецизираше дека поднеле две кривични пријави. Како што рече, првата кривична пријава ја опфатила причината за несреќата во Нови Сад, додека со втората се опфатени последиците што довеле до уривање на настрешницата на железничката станица во тој град.

За извештајот против државниот врв, Манојловиќ рече дека движењето не тврди дека се работи за лица кои имаат директна одговорност за фаталниот исход, туку дека се работи за „корупциска средина“ која, додаде, е создадена во сите големите градежни фирми во инфраструктурата.

По несреќата во Нови Сад, во тој град и во други градови претходните денови протестираа дел од граѓаните и опозицијата кои побараа да се утврди кривична, но и политичка одговорност за несреќата во Нови Сад.

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад до 3 ноември сослуша 40 лица, меѓу кои и министерот за градежништво на Србија, Горан Весиќ, директорот на Заводот за заштита на спомениците на културата во Нови Сад, службениците во „Железници на Србија“ и „ Инфраструктура на Железниците на Србија“ и одговорните за извршување на работите.