Членовите на Граѓанскиот одбор против загадувањето од кочанската комуналната депонија ќе поднесат кривични пријави против директорката на КЈП „Водовод“, градоначалникот и овластените комунални инспектори во Општината, откако втор ден камиони на комуналните претпријатија од Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево исфрлаат отпад на депонијата.
Од Одборот истакнаа дека нивната постапка е предизвикана поради грубото кршење на волјата на граѓаните, сублимирана во едногласната одлука на Советот на Општина Кочани дека на градската депонија во Кочани не смее да се исфрла ѓубрето од другите општини.
– Градоначалникот и директорката ги имаат пречекорено службените овластувања и ја злоупотребија функцијата со тоа што дозволија дејства спротивни на одлуката на Советот на Општина Кочани. Сметаме дека комуналните инспектори несовесно ја извршуваат својата работа. Бараме одговор дали и кога градоначалникот потпишал меморандум за преземање отпад од соседните општини, по чие барање и врз основа на кој закон соседните општини доаѓаат со полициска придружба до депонијата што е во владение на општина Кочани, а дадена на управување на КЈП „Водовод“ и дали директорката е должна да постапува по неосновани усни наредби – изјави претседател на Надзорното тело за мониторинг на комуналната депонија, Венко Крстевски.
Од Граѓанскиот одбор најавија нов протест што ќе се одржи утре. Незадоволството ќе биде искажано со двочасовна блокада на една од главните сообраќајни крстосници кај ОУ „Св. Кирил и Методиј“, во централното градско подрачје.