„Кристмас маркет“ во Штип

36

Годинава за првпат ќе се реализира „Кристмас маркет“ во Штип, по примерот на големите европски градови, најавија градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, и водителот Миро Кацаров.

Манифестацијата „Кристмас маркет“ започнува на 20 декември, на шеталиштетот „Ванчо Прќе“, каде што ќе биде поставена голема бина, а ќе има и програма со познати музички имиња. Дедо Мраз ќе им дели пакетчиња на најмалите, ќе се слушаат познатите новогодишни песни, а повозрасните ќе имаат можност да уживаат со греана ракија и греано вино. Саботата е резервирана за шоу-перформанс за деца, дополнително со аниматори, жонглери и слично. Во недела, на шеталиштето ќе помине петметарски џин робот.

– За првпат во историјата на градот ќе имаме музички хепанинг, ќе имаме „Кристмас маркет“ и сме прв град во внатрешноста од државата. Ова е по примерот на големите европски градови како Будимпешта, Прага, Амстердам и слично. Со ова сакаме да ги зближиме луѓето – вели Кацаров.

Градоначалникот Јорданов додаде дека, освен „Кристмас маркет“, предновогодишните празници во Штип ќе минат во пријатна и незаборавна атмосфера, која ќе започне на 7 декември. Градот ќе биде целосно украсен, на шеталиштето ќе има ѕвездено небо, а програмата ќе заврши со македонска староградска музика.

– Има едни што велат, зошто да се трошат пари за нешто што е минливо, а, од друга страна, голем процент, вклучувајќи ме и мене, посакува градот да изгледа европски, модерно и да има соодветен амбиент – изјави Јорданов.

Тој ги повика граѓаните од Штип, од регионот, но и од државата да одвојат дел од своето време и да уживаат во предновогодишната атмосфера. За организација на „Кристмас маркет“, од буџетот на Општина Штип се одвоени над еден милион денари.