
Кирсти Ковентри стана првата жена и прва африканска претседателка на Интернационалниот Олимписки Комитет (ИОК), кршејќи ја 130-годишната традиција на организацијата на европско машко лидерство.
Новата претседателка на олимпиското движење беше назначена во Атина на 144. седница на организацијата, а победи на изборите во првиот круг, добивајќи 49 од 97 гласови. На второто место со 28 гласа се најде Хуан Антонио Самаранч – Јуниор (Шпанија). Лордот Себастијан Коу (Велика Британија), кој важеше за фаворит, доби само 8 гласа и заврши на третото место.
Ковентри (41) е десетти шеф на Интернационалниот Олимписки Комитет (ИОК) и првата жена на оваа функција во 129-годишната историја на организацијата. Таа официјално ќе го наследи Томас Бах на 24 јуни 2025 година.
Ковентри вети дека ќе го обедини олимпиското движење, нагласувајќи го развојот на спортистите и глобалното учество.
„Ќе ве направам сите многу горди и се надевам дека ќе бидете многу сигурни во одлуката што сте ја донеле. Сега имаме уште малку работа заедно“, рече Ковентри во нејзиниот победнички говор.
Шпанецот Хуан Антонио Самаранч – Јуниор, изјави дека сите кандидати ќе застанат зад новата претседателка на ИОК, Кирсти Ковентри од Зимбабве. Самаранч Јуниор, син на поранешниот претседател на ИОК, беше еден од шесте противници на Ковентри и фаворит пред изборите.
„Одиме напред. Таа има голема поддршка од членството. Сите ќе застанеме зад неа. Ќе бидам со неа ако претседателот сака да соработуваме“, рече Самаранч Јуниор.
Ковентри стана и најмладата претседателка на ИОК во историјата, а нејзиниот мандат ќе трае до 2033 година.