Најдобриот португалски фудбалер на сите времиња, Кристијано Роналдо, пред две години ја изненади спортската јавност кога го раскина договорот со Манчестер Јунајтед, а потоа реши кариерата да ја продолжи во Саудиска Арабија.
Роналдо потпиша повеќегодишен договор со Ал Наср и стана еден од најплатените спортисти во светот, но престојот на Португалецот во Саудиска Арабија не оди како што се надеваше.
Кога Роналдо дојде во Ал Наср очекуваше да продолжи да освојува трофеи, но значително се засилија и останатите клубови од саудиската Премиер лига, поради што Португалецот се уште е без трофеј откако дојде во овој клуб.
Големи се шансите Ал Наср и оваа сезона ќе остане без трофеј, поради што во последно време се шпекулира дека Роналдо на лето ќе го напушти клубот и дека нема да го продолжи договорот.
Роналдо има соработка со Ал Наср до крајот на оваа сезона, а медиумите во С.Арабија објавија дека сериозен интерес за Португалецот покажал големиот ривал Ал Хилал, кој наводно му понудил и договор.
Исто така, се споменуваше дека дури постои можност Роналдо да се врати во Европа и да ја заврши играчката кариера во лисабонски Спортинг, но како што стојат работите ништо од тоа.
Роналдо очигледно реши да стави крај на шпекулациите каде ќе игра следната сезона, а се појавија информации дека еден од најдобрите играчи на сите времиња веќе донел одлука.
Иако на почетокот на февруари полни 40 години, не размислува за пензија, па Роналдо наводно одлучил да остане во Ал Наср со кого ќе го продолжи договорот на уште една сезона, бидејќи му било ветено дека овој тим ќе биде во борба за шампион на Саудиска Арабија следната сезона.
Роналдо наводно ќе добие 183 милиони евра за едногодишно продолжување на договорот или плата од 15,25 милиони евра месечно или 3,8 милиони неделно. Тоа се околу 550.000 евра дневно.
Роналдо во досегашниот дел од сезоната одигра 20 натпревари во дресот на Ал Наср во сите натпреварувања и успеа да постигне 17 гола и да додаде уште три асистенции.
Најдобрите денови ги помина во Реал (М) со кој освои се што можеше, а пред да се врати на „Олд Трафорд“ мина три сезони во дресот на Јувентус.