Ланец за проституција чија целна група биле странски туристи во токиската забавна и „црвена“ четврт Кабукичо во Токио, потенцијално заработиле 1,1 милијарди јени (7,4 милиони долари) на две локации од 2021 година, соопшти денеска јапонската полиција.
Откритието дојде откако полицијата соопшти дека во понеделникот издала нов налог за апсење на Казуки Судо, 54-годишен маж, под сомнение дека го прекршил јапонскиот закон против проституција, вработувајќи жени кои давале сексуални услуги во салон за убавина за мажи во Кабукичо во периодот од ноември до февруари.
Уште еден маж е уапсен под сомнение дека обезбедувал средства за бизнисот, објави Кјодо.
Се наведува дека Судо им приоѓал на жени кои барале клиенти за сексуални услуги околу паркот Кабукичо и ги вработувал за потребите на неговиот бизнис, пренесува Танјуг.
Судо беше еден од седумте мажи уапсени претходно под сомнение дека вработувал жени како проститутки во друг бизнис што го водел во истата населба, главно угостителски за странски посетители во Јапонија.
Полицијата тогаш рече дека ова би можело да биде првиот голем ланец на проституција чија цел се странски туристи во земјата што е откриен.
Полицијата, исто така, соопшти дека го уапсила Соеи Шинџо, 42-годишен извршен директор од Јокохама, во понеделникот под сомнение дека го прекршил истиот закон со тоа што на Судо му позајмил околу 9,2 милиони јени за оперативни трошоци помеѓу ноември 2022 година и јануари оваа година.
Тој го негираше обвинението, тврдејќи дека „не знаел дека се работи за проституција“.