Кремљ: Не се мешаме во внатрешните работи на Европа, но ја претпочитаме политиката на Орбан

24

Русија нема намера да се меша во внатрешните работи на Европа, но ја претпочита политиката што ја води унгарскиот премиер Виктор Орбан, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тој се осврна на изјавата на унгарскиот премиер кој рече дека во Брисел се подготвува заговор против неговата земја со цел да се смени владата.

„Немаме ни трошка желба да се мешаме во внатрешните европски работи. Се разбира, многу повеќе нè импресионира независниот и конструктивен однос на Орбан, отколку прилично кусогледата и понекогаш контрадикторна политика на шефицата на европската дипломатија. Тоа е вистина. Но, се разбира, апсолутно немаме намера да се мешаме во сите овие внатрешни несогласувања во Европа“ – рече Песков.

Претходно, унгарскиот премиер Виктор Орбан на мрежата „Х“ објави дека постои отворен заговор против Унгарија на чело со првиот човек на Европската народна партија, Манфред Вебер и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Според него, нивната цел е да ја сменат унгарската влада и да постават нова.