Кремљ до опозицијата во Венецуела: Признајте го поразот и честитајте му на Мадуро

21
EPA-EFE/YURI KOCHETKOV

Кремљ денеска соопшти дека опозицијата во Венецуела треба да го прифати изборниот пораз и да му ја честита победата на актуелниот претседател, Николас Мадуро.

„Гледаме дека опозицијата не сака да го прифати својот пораз, но веруваме дека мора да го стори тоа, треба да му се честита на победникот на овие избори“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тој предупреди дека надворешните сили не смеат да се обидуваат да шират нестабилност во таа јужноамериканска земја. Под социјалистичката влада на Мадуро, Венецуела стана еден од главните сојузници на Русија. И Мадуро и неговиот ривал Едмундо Гонзалес тврдат дека победија на претседателските избори во неделата.

Националната изборна комисија прогласи победа на Мадуро, кој е на власт од 2013 година. Според тие извештаи, тој на изборите во неделата освоил 51,2 отсто од гласовите, додека опозицискиот кандидат Едмундо Гонзалес освоил 44,2 отсто.

Опозицијата не ги признава резултатите и тврди дека се работи за изборен фалсификат. Лидерот на опозицијата Марија Корина Мачадо вчера изјави дека противниците на владата имаат пристап до 73 отсто од преброените гласови и дека се покажало дека нивниот претставник има огромна предност.

Таа тврди дека Гонзалес победил во сите сојузни држави и има повеќе од 6,2 милиони гласови, додека Мадуро има само 2,7 милиони. По објавувањето на резултатите, протести избија ширум земјата. Во судирите со безбедносните сили веќе има жртви, јавуваат локалните медиуми.