
Кремљ формира „преговарачки тим на високо ниво“ за можни мировни преговори со САД околу Украина, објави Си-Ен-Ен, повикувајќи се на неименувани извори.
Според информациите на американските медиуми, во тимот наводно ќе има водечки политички, разузнавачки и економски функционери, иако нивните имиња се уште не се објавени во јавноста.
Овие извештаи се појавија откако американскиот претседател Доналд Трамп одржа одвоени разговори со рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
По 90-минутниот разговор со Путин, Трамп рече дека преговорите за завршување на војната треба да започнат „веднаш“. Кремљ потврди дека Путин и Трамп се договориле да се сретнат и дека Путин го поканил Трамп да ја посети Москва. Трамп, сепак, рече дека нивниот прв состанок „веројатно“ ќе се одржи во Саудиска Арабија.
Постои загриженост дека Трамп веќе понудил одредени отстапки пред официјално да започнат преговорите, а некои стравуваат дека Украина е исклучена од процесот.
Сепак, Зеленски зазеде дипломатски тон по разговорот со Трамп. „Трамп покажа искрен интерес за заеднички можности и како заедно можеме да донесеме вистински мир“, рече украинскиот претседател.