
Кремљ денеска предупреди дека договорите што ги објави Вашингтон, вклучително и прекинот на огнот во Црното Море со Украина, ќе стапат на сила дури откако ќе бидат укинати западните ограничувања за трговијата со руски земјоделски производи и ѓубрива, пренесува Бета.
Москва и Вашингтон се согласија да „обезбедат безбедност на пловидбата во Црното Море, неупотреба на сила и спречување на употреба на комерцијални бродови за воени цели“, се вели во соопштението на Кремљ, еден ден по руско-американските разговори во Саудиска Арабија.
Руското претседателство изјави дека САД „ќе придонесат за враќање на пристапот до светскиот пазар за руски извоз на земјоделски производи и ѓубрива и намалување на трошоците за поморското осигурување“.
Сепак, Кремљ нагласи дека договорите, објавени од Белата куќа претходно денеска, ќе стапат на сила само „откако“ ќе бидат укинати бројните санкции, особено оние наметнати на нејзината голема земјоделска банка Роселхозбанк, одредени „производители и извозници на прехранбени производи и ѓубрива“ и на трошоците за поморско осигурување.
Руското претседателство исто така повикува на укинување на ограничувањата за „трансакциите за финансирање на трговијата и пристанишните услуги и санкциите за бродовите под руско знаме вклучени во трговијата со прехранбени производи и ѓубрива“.
Русија и САД, исто така, ќе „разработат мерки“ кои ќе овозможат 30-дневен прекин на огнот при нападите врз енергетската инфраструктура во Русија и Украина, соопшти Кремљ.
Мораториумот минатата недела го најавија рускиот и американскиот претседател Владимир Путин и Доналд Трамп, но никогаш не беше спроведен, додека Киев и Москва меѓусебно се обвинуваат за продолжување на ваквите напади.