Наголемо е почната сезоната за реновирање, преградување, уривање во домови. Но, практиката градежен шут, стари кади, прозорци и врати, па дури и мебел да се одлага во или до најблискиот контејнер, продолжува и оваа година. Покрај улиците во Расадник и Лисиче купишта на секаков кабаст отпад, одложен покрај контејнерите за комунален отпад, како и во зеленилото во Ново Лисиче.
Според одредбите во Законот за јавна чистота и Законот за управување со отпадот, оној што реновира или гради треба сам треба да се погрижи за правилно одлагање со градежниот шут. ЈП Комунална хигиена повеќе години нуди опција за подигнување на шутот и кабастиот отпад и негово транспортирање до легална депонија

Наголемо е почната сезоната за реновирање, преградување, уривање во домови. Но, практиката градежен шут, стари кади, прозорци и врати, па дури и мебел да се одлага во или до најблискиот контејнер, продолжува и оваа година, а најнов пример доаѓа од населбата Расадник во Кисела Вода, каде што граѓани на Фејсбук споделуваат фотографии од купишта на секаков кабаст отпад одложен покрај контејнерите за комунален отпад и оној за оставање на батерии и друг електронски отпад.
Но, вакви грди глетки има во сите населби во главниот град. Така, станар од зграда во Ново Лисиче утрово целокупниот кабаст отпад го растоварил во зелената површина пред неговата зграда. Исто така, покрај булеварот „12. Македонска бригада“, во населба Лисиче, постојано се фрла големо количество на градежен шут и секаков друг вид на отпад, како шишиња, стиропор, канти за боја и друго истоварени во зеленилото покрај булеварот. Жители од населбата велат дека ваквата глетка е постојана – откако ќе се исчисти местото, повторно некои несовесни нивни соседи го полнат.
Според одредбите во Законот за јавна чистота и Законот за управување со отпадот, оној што реновира или гради треба сам треба да се погрижи за правилно одлагање со градежниот шут. Односно, додека се гради, фирмата треба да обезбеди собирање на шутот, но и да обезбеди прскалки за околното земјиште за да се намали количеството прашина која се шири во воздухот.
– Правните и физичките лица кои при изведувањето на градежни, преработувачки, занаетчиски работи и други дејности создаваат инертен отпад (градежен шут), кој нема својство на комунален отпад, се должни сами да го соберат и да го транспортираат отпадот на места определени од општините и градот Скопје или истите да ги предадат на овластени правни и физички лица кои собираат и транспортираат отпад – стои во Законот за управување со отпадот.
Со оглед на купиштата расфрлано ѓубре, очигледно е дека граѓаните кои самостојно реновираат дел од својот дом, не ги почитуваат законските одредби. Едноставно, не сакаат да платат превоз за транспорт на отпадот.
Законот за јавна чистота пропишува отпадот што се создава при извршувањето на градежните активности или реновирањето на живеалиштата, не смеат да го одлагаат во контејнерите и кантите поставени на јавни површини.
– На отворените простори на јавните објекти, освен на местата определени за фрлање и оставање на смет, се забранува фрлање и оставање на предмети од домаќинства, лисја, гранки и корења од растенија, песок, отпадоци од градежен материјал, разни видови амбалажа и други отпадоци, освен на местата определени за таа намена – се наведува во Законот.
Од ЈП Комунална хигиена постојано апелираат градежниот отпад да не се фрла во контејнерите бидејќи може трајно да ги оштети, како и специјалните комунални возила и на тој начин да предизвика финансиска штета за претпријатието, но и сериозни проблеми при собирањето и транспортот на комуналниот отпад во градот Скопје. Комунална хигиена повеќе години нуди опција за подигнување на шутот и кабастиот отпад и негово транспортирање до легална депонија.
Така, за подигнување на градежен шут со камион на Комунална хигиена и двајца работници се наплаќа 2.900 денари, а без работници 1.800 денари. За подигнување на кабаст отпад со камион и со двајца работници се наплаќа 2.800 денари или 1.600 денари ако самите го натоварите. Има и трета опција, а тоа е дека можете самите да ги однесете шутот, предметите или отпадните санитарии без наплата во пунктот на Комунална хигиена веднаш по спортската сала „Борис Трајковски“. Влезот во пунктот е од уличката пред бензинската пумпа на Макпетрол на булевар „Илинден“. Телефонот на кој можете да повикате камион на КХС е 0800 222 33.
Градежниот отпад од Скопје единствено смее да се одлага во депонијата „Дрисла“, но таму завршува само градежниот шут од поголеми градби, додека пак оној помалиот, кој е резултат на реновирање, преградување, уривање…. најчесто завршува во или околу контејнерите или на некоја дива депонија покрај пат, река, шума, парк и слично.
Од 9 до 11 мај ќе се спроведе „Генералка викенд“ во сите општини
Годинешната „Генералка викенд“ ќе се одржи помеѓу 9-11 мај 2025 година во сите општини на Македонија. Акцијата е поддржана од Министерството за животна средина и Министерството за земјоделство.
Од 2021 година, повеќе од 44.000 волонтери од 51 општина собраа повеќе од 1.000.000 килограми отпад за време на настаните на „Генералка викенд“.
Врз основа на меморандумот меѓу Министерството за земјоделство, Национални шуми и „Мен енд Маунтен“, од јуни 2022 година Владата на Република Македонија ја поддржува „Зелена сончева“ во нивните годишни планови за пошумување со посветување на едно дрво за секои десет килограми собран отпад за време на „Генералка викенд“.
Од 2022 година, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Национални шуми засадија повеќе од 125.000 дрвја во Велес, Петровец и Старо Нагоричане, а „Мен енд Маунтен“ заедно со приватни донатори засади дополнителни 10.000 дрвја во 23 општини. Сите овие шуми се наречени „Сончева гора“.
(С.Бл.)