
Американскиот претседател Доналд Трамп и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се согласија денес, за време на краткиот разговор на маргините на погребот на папата Франциск, да се сретнат во друго момент, изјави портпаролката на фон дер Лајен.
„Во краток разговор, претседателката фон дер Лајен и претседателот Трамп се согласија да се сретнат“, рече Паула Пињо во објава на мрежата X.
Трамп денес се сретна со неколку други лидери, вклучувајќи го и украинскиот претседател Володимир Зеленски, но фон дер Лајен не успеа да закаже средба со американскиот претседател откако се врати во Белата куќа во јануари – и покрај фактот дека Европската комисија е одговорна за трговската политика на блокот и прашања како што се царините, објави „Ројтерс“.
САД воведоа царини од 25 проценти за автомобили, челик и алуминиум од ЕУ во март и 20 проценти за други стоки од ЕУ во април, а таа стапка беше преполовена до 8 јули, поставувајќи рок од 90 дена за разговори за постигнување посеопфатен царински договор.
Како одговор, ЕУ, составена од 27 земји-членки, ги суспендираше сопствените планови за воведување одмазднички тарифи за одредени американски стоки и предложи нулти тарифи за сите индустриски стоки од двете страни.
Во петокот, европскиот комесар за економија Валдис Домбровскис изјави дека понудата со нулта царина наишла само на умерен интерес од страна на САД и дека САД и ЕУ сè уште имаат многу работа за да постигнат договор што ќе спречи воведување царини од двете страни, пренесува Танјуг.