Инсектариумот на британскиот Империјален колеџ одгледува илјадници комарци, кои се генетски модифицирани за да ги убијат паразитите од маларија.
Според Скај њуз, тоа е дел од револуционерниот проект „Нулта трансмисија“, а генетичарот од Империјалниот колеџ во Лондон, Николај Виндбихлер, кој работи на проектот, објаснува дека генетски модифицираните комарци можат да работат таму каде што другите обиди за контрола на маларијата не успеале.
Предноста е што никој не треба да прави ништо.
„Оваа технологија е чисто генетска, така што никој нема да мора да направи ништо за таа да биде корисна“, рече Виндбихлер. Според него, само релативно мал број модифицирани комарци ќе треба да се ослободат за ефикасно да се направи целото население отпорно на маларија, а техниката, која користи гени земени од пчела и африканска канџеста жаба, го блокира нормалниот раст на паразитот од маларија во комарецот.
Ова би значело дека каснувањето од комарец во делови од светот каде што болеста е ендемична повеќе не би било со потенцијален смртен исход. Според податоците на Светската здравствена организација, во 2023 година имало речиси 600.000 смртни случаи од маларија, од кои три четвртини од жртвите на болеста биле деца помлади од пет години, пренесува Танјуг.