Кралски водопад скриен во густата шума на Скопска Црна Гора

7397

Кај пространиот Бањански преслап, во големиот шумски појас на планината Скопска Црна Гора, каде има потоци и вода, веднаш над селото Бањани се наоѓа Кралскиот водопад. За многумина е непознат, а меѓу населението е познат како Крбилишки водопад. Ние планинарите го нарековме Кралски, бидејќи престојот околу него е величествен. Се наоѓа во густ шумски појас, а во негова близина има повеќе други месности: Царева чешма, Царева ливада, Царев водопад, па си рековме да се разликува името и го нарековме Кралски водопад, раскажува Дејан Вељанов, претседател на Здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“

Кај пространиот Бањански преслап, во големиот шумски појас на планината Скопска Црна Гора, каде има потоци и вода, веднаш над селото Бањани се наоѓа Кралскиот водопад. За многумина е непознат, а меѓу населението е познат како Крбилишки водопад.

– Ние планинарите го нарековме Кралски, бидејќи престојот околу него е величествен. Се наоѓа во густ шумски појас, а во негова близина има повеќе други месности: Царева чешма, Царева ливада, Царев водопад, па си рековме да се разликува името и го нарековме Кралски водопад – раскажува Дејан Вељанов, претседател на Здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“.

До Кралскиот водопад има три пристапи. Поголем дел од патеките се во густ шумски појас, па затоа во зимскиот период и поради ловната сезона се избегнуваат.

– Патеките сеуште не се маркирани во целост и чекаат да влезат во официјалниот план на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија. Инаку, сите три патеки се средно тешки, бидејќи се долги од 20 до 28 километри во целост. Две почнуваат од чешмата во Бањани, а една од рудникот Бањани на кривината за селото Кучевиште покрај малото езеро – раскажува Вељанов.

Тој вели дека овој водопад случајно го пронашол, на први мај 2017 година.

– Се договоривме со повеќемина да собираме мечкин лук. Но, не дојде никој, па останав само јас. Решив да ја испитам зимската патека која почнува од селото Бањани преку Бањански преслап. Тргнав по неа, а околу неа имаше пробиено шумски патеки, најверојатно тоа го направиле од „Македонски шуми“ за сечење на дрвја. Одев по широкиот земјен пат кој ме одведе директно до овие водопади – објаснува Вељанов.

Тој нагласува дека овој водопад најмногу има вода напролет, но проблемот е што тогаш има неколку најдодени потоци по патеката кон него, кои мора да се прескокнуваат, па пристапот до него е отежнат.

– Затоа, најубаво е Кралскиот водопад да се посети во летниот период, но бидејќи сега летово има целосна забрана за движење низ шума, може да се посети и наесен – порачува Вељанов.

(А.П.)