Британскиот крал Чарлс денеска го одбележува својот 76-ти роденден со посета на фестивалот на вишок храна во Депфорд, јужен Лондон, каде што ќе отвори два кралски центри „Фуд хаб“ за храна на првата годишнина од започнувањето на проектот, дизајнирани да го премостат јазот помеѓу потребата за храна и расипувањето и фрлањето храна, поради зголемување на трошоците за живот, пренесе „Скај њуз“.
Кралот на настанот се појави без кралицата Камила, која сѐ уште се опоравува од инфекција на градниот кош.
За да го одбележи роденденот на кралот, официјалниот X профил на кралското семејство ја сподели неговата најнова фотографија заедно со емоџи од роденденска торта и роденденска порака.
На фотографијата е прикажан монархот облечен во елегантен костум, а среќен роденден му посакаа принцот и принцезата од Велс, кои на својот Инстаграм профил, објавија порака со негова слика од неодамнешната турнеја низ Австралија и Самоа.
Кралот Чарлс го третира својот роденден како нормален работен ден и продолжува со своите должности и покрај тоа што се соочува со тешка година, во која и нему и на принцезата од Велс им беше дијагностициран рак.
Во чест на роденденот на кралот, во Грин парк и во Лондонската кула ќе има почесно пукање како дел од традиционалните воени прослави, додека камбаните ќе бијат во Вестминстерската опатија, каде што кралот беше крунисан минатата година.
Кралот, како и неговата покојна мајка Елизабета Втора, слави два родендени – 14 ноември е неговиот вистински роденден, додека неговиот официјален роденден е втората сабота во месец јуни.
Wishing His Majesty The King a very Happy Birthday today. pic.twitter.com/Nq7npnaXqa
— The Royal Family (@RoyalFamily) November 14, 2024