Ковчегот со упокоеното тело на папата Франциск пристигна во базиликата каде што ќе биде погребан

18
Фото: EPA-EFE/MASSIMO PERCOSSI

Поворката што го носи ковчегот на папата Франциск стигна до базиликата „Санта Марија Маџоре“, каде што ќе биде погребан поглаварот на Католичката црква. Погребната поворка што го носеше ковчегот на Франциск во пренаменет папамобил патуваше од базиликата „Свети Петар“ до последната дестинација на папата, поздравена од илјадници верници собрани на улиците на Рим.

По должината на рутата од приближно 5,5 км од плоштадот „Свети Петар“, поворката помина покрај многу познати римски споменици, вклучувајќи го и Колосеумот, а толпи луѓе аплаудираа додека поворката поминуваше.

Пред базиликата „Санта Марија Маџоре“, го пречекаа четириесет членови на маргинализирани групи кои му оддадоа последна почит на папата Франциск: мигранти, бездомници, затвореници и трансродови лица.

Самиот погреб ќе биде приватен.

Франциск ќе биде погребан според неговите желби во оваа базилика од петтиот век, која се наоѓа во центарот на Рим.

Таму е погребан и познатиот архитект и скулптор Џан Лоренцо Бернини, авторот на колонадите на плоштадот „Свети Петар“ каде што се одржала погребната миса.

Надгробната плоча изработена од лигурски мермер ќе го носи само името на Франциск на латински, Franciscus. Тој ќе биде погребан во гробница во подот, во мала ниша.

Целото збогување се одржа според поедноставена постапка, според желбата на Папата.

Последниот папа погребан надвор од ватиканските ѕидини бил Лав XIII, кој починал во 1903 година и бил погребан во базиликата Свети Јован Латерански. Последниот папа погребан во базиликата Света Марија Голема бил Климент IX. Во 1669 година.

ИЗДВОЕНИ