Интерпелацијата што денес се разгледува во Собранието претставува штит за оние кои се соочуваат со правдата и обид да се дискредитираат напорите за расчистување со наследените криминални мрежи на ДУИ и СДСМ, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
„Граѓаните треба да знаат дека ваквите потези не се во интерес на правдата, туку во интерес на заштита на старите политички елити“, истакна Ковачки.
Тој нагласи дека поделбата на власта е темел на уставниот поредок на државата и гарантира дека ниту една институција, ниту поединец или политичка сила не може да се издигне над законот. Посебен акцент стави на улогата на Јавното обвинителство, кое, како што рече, мора да остане независно и да ја спроведува правдата „без пристрасност, без страв и без мешање“.
Осврнувајќи се на трагичниот настан во Кочани, Ковачки изјави дека е разбирливо што јавноста е потресена, но предупреди дека е неопходно да се почитува правната процедура.
„Јавното обвинителство веќе има осомничено над 60 лица во врска со случајот и мора да му се овозможи да ја заврши својата работа – да ги утврди фактите, да ги собере доказите и да ги изведе одговорните пред лицето на правдата“, додаде тој.
Ковачки предупреди дека секое политичко мешање, без разлика дали доаѓа од власта или опозицијата, претставува сериозна закана за демократијата.