Костовски бара чистењето на речното корито да ѝ се префрли на Општина Бутел    

89

Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, реагира за тоа што делот од коритото на реката Серава што е во надлежност на Град Скопје сè уште не е исчистен, иако е побарано тоа и бара итна реакција од градските власти.

Вели дека ситуацијата е алармантна, бидејќи водата во реката е надојдена од силните дождови и невремето што периодов го зафатија не само Скопје туку и целата држава, па постои опасност од излевање.

Притоа, потенцира, доколку скопската градоначалничка, Данела Арсовска, не е способна да го исчисти коритото на реката Серава, да се направи меѓуопштинска соработка и да ѝ ги префрли ингеренциите на Општина Бутел.

– Јас, како градоначалник, и Општина Бутел сме подготвени веднаш да го исчистиме речното корито – дециден е Костовски.

Нарекувајќи го коритото на реката Серава во тој дел амазонска шумска, Костовски вели дека точно пред една година алармирал за овој сериозен проблем и испратил барање до Град Скопје со кое побарал скопската градоначалничка, Данела Арсовска, да си ја заврши работата и да го исчисти коритото на реката Серава, оној дел што е во нејзина надлежност.

Притоа ја прашува Арсовска, доколку има ново невреме и излевање на реката Серава, дали ќе ги санира штетите на граѓаните на Општина Бутел и дали ќе сноси одговорност.

Од јавното претпријатие „Улици и патишта“ одговорија дека редовно ги одржуваат коритото на реката Вардар и влезот на нејзините притоки Лепенец, Треска, Серава, но сè позачестени се појавите на фрлање отпад и создавање депонии во коритата од несовесни поединци и претпријатија отколку предизвиците со вегетацијата.

Притоа, додаваат дека не е во нивна надлежност одржувањето на потегот на коритото на реката Серава што го одржува, а треба да го уредуваат Чучер Сандево и Бутел.

(А.П.)